Официјален Вашингтон обвини дека Русија не сака да признае дека постои огромен радиолошки ризик во нуклеарната централа Запорожје во Украина, додавајќи дека тоа е причината поради која го блокирале последниот нацрт на договорот за неширење на нуклеарното оружје (НПТ).

Руската федерација сама одлучи да го блокира консензусот за финалниот документ на крајот од Десеттата конференција за преглед на Договорот за неширење на нуклеарно оружје (НПТ). Русија го направи тоа со цел да го блокира јазикот што само укажува на огромен ризик во нуклеарната централа Запорожје во Украина – соопшти Стејт департментот.

Во петокот, Русија го блокираше усвојувањето на заедничката декларација, по четиринеделната конференција на ОН за НПТ, и ги осуди, како што наведе, „политичките“ аспекти на текстот.

Договорот за неширење на нуклеарно оружје (НПТ), што е предмет на состанок на 191 потписник на секои пет години, има за цел да го спречи ширењето на нуклеарното оружје, да промовира целосно разоружување и соработка во мирната употреба на нуклеарната енергија .

Според извори блиски до преговорите, Русија особено се спротивставила на деловите од текстот кои се однесуваат на украинската нуклеарна централа Запорожје, која е под контрола на руската армија, јавија американски медиуми.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.