Невообичаено силната соларна бура што ја погоди Земјата би можела да предизвика северна светлина (аурора бореалис) во САД и во други места низ светот овој викенд и да ги наруши електричните и комуникациските мрежи, објави американската Национална управа за океани и атмосфера (НОАА).
НОАА издаде предупредување за геомагнетна бура кога ефектите од соларната експлозија стигнаа до Земјата во петокот попладне, неколку часа порано од очекуваното.
Последиците ќе се почувствуваат на Земјата за време на викендот, а можеби и во текот на следната недела. Тоа е првата геомагнетна бура во изминатите 20 години.
НОАА ги предупреди операторите на електрани и вселенски летала кои орбитираат да преземат мерки на претпазливост, како и Федералната агенција за управување со вонредни состојби на САД (ФЕМА).
Првите ефекти од неколкуте коронални експлозии – исфрлање плазма и магнетни полиња од Сонцето, пристигнаа во раните попладневни часови во петокот по источно американско време, соопшти НОАА.
Во текот на викендот се очекува да има посилни геомагнетни бури. Тие се случуваат со приближувањето на Сонцето до врвот на 11-годишниот циклус што носи зголемена активност.
Бурата може да произведе северна светлина, позната и како аурорар бореалис, која изгледа како зеленикаво-црвенкави блесоци.
Најинтензивната соларна бура досега се случила во 1859 година, и предизвикала аурора бореалис до централна Америка. Стручњаците од НОАА велат дека сега тоа не се очекува, но можни се слични ефекти како во 1859 година.
Соларните бури се ризик за високонапонските далноводи, но не и за електромрежата во домовите на луѓето. Може да бидат засегнати и сателитите, што потоа може да ги наруши навигациските и комуникациските услуги на Земјата.
Екстремната геомагнетна бура во 2003 година, на пример, доведе до прекин на електричната енергија во Шведска и оштетување на електричните трансформатори во Јужна Африка.
Дури и кога ќе заврши бурата, сигналите помеѓу ГПС сателитите и приемниците на земјата може да бидат прекинати или изгубени, велат од НОАА, но експертите уверуваат дека има толку многу навигациски сателити што секој прекин не би требало да трае долго.
Сонцето од средата исфрла силни соларни блесоци, кои предизвикуваат коронални експлозии. Сето тоа е дел од соларната активност која се интензивира додека Сонцето го достигнува врвот на својот 11-годишен циклус.
Американската вселенска агенција НАСА објави дека соларната бура не претставува сериозна закана за седумте астронаути на Меѓународната вселенска станица. Најголемата загриженост е од зголеменото ниво на радијација, поради што екипажот може да биде преместен во позаштитен дел од станицата доколку е потребно.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.