Ќерката на рускиот филозоф Александар Дугин е убиена во страшен инцидент што се случил вчера. Автомобил Land Cruiser Prado експлодирал во близина на Москва, а во него во тој момент била и Дарија Дугина (30). Иако се уште не е утврдена точната причина за експлозијата, многумина се сомневаат дека се работи за обид за атентат на нејзиниот татко. Очевидци на страшната несреќа велат дека слушнале експлозија и потоа виделе како се шири чад од правец на автомобилот.

Жена која работи во блиската цвеќарница во близина на местото на трагедијата изјавила дека слушнала два истрела во моментот на експлозијата, по што чад и оган го зафатиле автомобилот.

Друг очевидец забележал дека експлозијата што одекнала била исклучително силна. Според очевидци, од силината на ударот му било скршено стаклото од продавницата, а кога излегол надвор видел запален автомобил.

Судејќи по снимката која ја објави руска Известија, автомобилот на Дарија по експлозијата е речиси целосно уништен. Самиот Дугин бил меѓу првите кои пристигнале на местото на настанот. Тој ја следел својата ќерка во друг автомобил и бил сведок на нејзината смрт.

Според „Известија“, Дугин бил снимен како ја фаќа главата и плаче на местото каде неговата ќерка трагично го загубила животот.

Инаку, Дугин е истакнат ултранационалистички руски идеолог за кој се верува дека е близок со рускиот претседател Владимир Путин. Тој се смета за креатор или „духовен водач“ на руската воена операција во Украина, а со текот на годините го доби прекарот „Мозокот на Путин“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.