Премиерите на Шведска и Данска соопштија дека не ја исклучуваат можноста саботажа да е причината за оштетените два кабли во Балтичкото Море, посочувајќи на зголемениот ризик од хибридни напади.

Откриено е дека кабел што ги поврзува Финска и Германија бил пресечен во шведски територијални води, јужно од островот Еланд, на околу 700 километри од Хелсинки. Дополнително, телекомуникациски кабел кој го поврзува шведскиот остров Готланд со Литванија е оштетен пред четири дена.

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус вчера изјави дека дефинитивно се работи за саботажа.

Ги следиме внимателно информациите од надлежните органи и нема да се изненадам ако саботажата е извршена од надворешен фактор, изјави данската премиерка Мете Фредериксен.

Воедно, таа посочи дека поради зголемените тензии околу Балтичкото Море, постои „ризик од хибридни напади, кибер-напади и напади врз критичната инфраструктура“.

Сведоци сме на сè повеќе проблеми на повеќе фронтови, додаде таа.

Нејзиниот шведски колега Улф Кристерсон, исто така, рече дека постои можност прекинатите кабли „да се резултат на намерна саботажа“.

Ова сè уште не е потврдено, не сакам да шпекулирам. Живееме во време кога сите ризици мора да се сфаќаат многу сериозно. Веќе сме виделе акти на саботажа, изјави Кристерсон.

Откако беа оштетени два кабли во Балтичкото Море, а Шведска и Финска објавија дека почнуваат истрага за можна саботажа, данските одбранбени сили денеска соопштија дека го следат кинескиот брод Ји Пен 3.

Ние сме во област во близина на кинескиот брод, соопшти данското Министерство за одбрана.

Товарниот брод кој е во сопственост на кинеска компанија поминал вчера вечерта во теснецот Категат, кој се наоѓа помеѓу Данска и западниот брег на Шведска, објави специјализираната веб-страница „Marinetraffic“.

Бродот се наоѓал во близина на областа каде што кабелот што ја поврзува Финска со Германија бил оштетен пред два дена, иако немало докази кои директно го инкриминираат, според веб-страницата „Marinetraffic“. Пред четири дена беше оштетен и уште еден телекомуникациски кабел што ја поврзува Шведска со Литванија.

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус веќе изјави дека причината за штетата секако била саботажа. „Никој не верува дека овие кабли се исечени случајно“, рече тој.

Шведскиот министер за цивилна одбрана Карл-Оскар Болин вчера изјави дека вооружените сили и крајбрежната стража на земјата откриле движења на бродови што одговараат на прекин на два телекомуникациски кабли во Балтичкото Море.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.