Француските дипломати стапија во штрајк за прв пат по 20 години поради кратењата и реформите на претседателот Емануел Макрон, кои според нив ќе ја нарушат позицијата на земјата на меѓународната сцена.

Стотици членови на дипломатскиот персонал дома и во странство штрајкуваат, вклучително и некои амбасадори.

„Нема импровизација во одбраната на интересите и служењето на Франција“, коментира на Твитер францускиот конзул во Сан Франциско. „Нема сомнеж дека треба да ја реформираме и зајакнеме нашата дипломатија, а не да ја избришеме“, рече дипломатот со 18-годишно искуство. Штрајкувачите протестираат против реформите во јавниот сектор иницирани од Макрон, кои ќе ја променат структурата на дипломатските кариери.

Тие се загрижени и за повеќегодишните буџетски кратења, со што од 2007 година до сега е намален персоналот за 20 отсто. „Постои замор поради постојаниот притисок на меѓународните и европските вести, што значи дека секогаш од нас се бара да работиме повеќе со помалку ресурси“, рече високиот дипломат во Париз.

Франција ја има третата по големина дипломатска мрежа во светот со 1.800 дипломати и 13.500 службеници кои работат во Министерството за надворешни работи. „Француските дипломати се посветени на работата со телото и душата, но тие се преоптоварени, недоволно платени и ги нема доволно“, коментира на Твитер францускиот амбасадор во Азербејџан Захари Грос.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.