Шпанската конзервативна Народна партија (ПП) соопшти дека верува оти би можела да формира влада, откако десничарската партија Вокс навести дека нема да инсистира да биде дел од владејачката коалиција.

Генералниот координатор на ПП, Елиас Бендодо, кажа дека се отвора патот за помалите партии, кои се спротивставија на учеството на Вокс во новата влада, да ја поддржат Народната партија за време на парламентарното гласање.

Правилата на играта се сменија и партиите, кои претходно заземаа јасна позиција, сега се соочуваат со различни околности, изјави Бендодо за радио „COPE“.

Британските медиуми, сепак, пренесуваат дека Баскиската националистичка партија (ПНВ) не го сменила нивниот став. ПНВ на социјалната мрежа „Х“ објави дека нема да преговара со ПП за формирање влада во која ќе биде вклучен и Вокс.

Вокс вчера соопшти дека неговите 33 пратеници ќе го поддржат мнозинството во Долниот дом на шпанскиот Парламент за да ги спречат социјалистите (ПСОЕ) да формираат, како што велат, „влада на национално уништување“.

На изборите минатиот месец ниту десничарскиот, ниту левичарскиот блок не освоија доволно пратенички места за да формираат мнозинство.

ПП и Вокс, кои за време на кампањата се сметаа за потенцијални коалициски партнери, освоија заедно 170 од вкупно 350 места во Долниот дом на парламентот. За мнозинство се потребни најмалку 176 пратеници.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.