САД го поддржаа пристапувањето на Македонија во Европската Унија (ЕУ) во најнова резолуција во Сенатот, спонзорирана од демократскиот сенатор од Вермонт Питер Велч, демократската сенаторка од Њу Хемпшир Џин Шахин и републиканските сенатори од Небраска и Северна Каролина Пит Рикетс и Том Тилис.
Во резолуцијата, како што пренесува Гласот на Америка на македонски јазик, Сенатот ги повика претседателот и државниот секретар на САД, како и европските сојузници, да се залагаат за отворање на првиот преговарачки кластер на ЕУ со Македонија, без дополнителни билатерални услови.
Претседателот и државниот секретар да продолжат тесно да соработуваат со Владата на Македонија, да го поддржат проширувањето на Европската Унија со Западниот Балкан, вклучително и Македонија на нејзиниот пат кон Европска Унија, се вели во резолуцијата.
Во резолцијата се нагласува и поддршката на Сенатот за македонската влада да ги преземе реформите неопходни за унапредување на членството во ЕУ.
Сенатот ја „охрабрува Владата на Македонија да продолжи со својата важна работа за членство во Европската Унијата, како и напорите за продолжување на мирот, стабилноста и просперитет во Источна Европа“.
Македонија е првата држава од Западен Балкан што потпиша Договор за стабилизација и асоцијација со ЕУ и стана официјална кандидатка за ЕУ во 2005 година, како и прва држава од Западен Балкан што почна стратешки дијалог со САД во јуни 2022 година, како дел од Декларацијата за стратешко партнерство и соработка од 2008 година.
Македонија останува важен безбедносен партнер на Европска Унија и САД и НАТО сојузник, обезбедувајќи ја Украина со хуманитарна помош и значителна воена опрема, гласајќи во корист на Советот за безбедност на Обединетите нации и резолуциите на Генералното собрание против руската агресија, усвојувјќи ги сите руски санкции од Европската Унија, пишува во резолуцијата.
Во октомври минатата година, сенаторите Велч и Шахин ги посетија Македонија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина, истакнувајќи ја поддршката на САД за европската интеграција на Западен Балкан и безбедноста во регионот, во услови на руска агресија против Украина.
Пристапувањето на Република Македонија во Европската Унија ќе ја зајакне регионалната стабилност на Западен Балкан, ќе ја промовира европската кохезија и дополнително ќе го отфрли руското малигно влијание во регионот и пошироко. Натамошниот напредок на Македонија во процесот на пристапување означува важна пресвртница за земја која веќе направи значајни чекори на тој пат. Македонија продолжува да демонстрира посветеност на демократските реформи, владеењето на правото и трансатлантското партнерство. Уверен сум дека членството на Македонија во ЕУ ќе донесе зголемени можности за бизнис и трговија, како и дополнителна координација меѓу Националната гарда на Вермонт и Армијата на Македонија, рече сенаторот Велч
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.