Кога беше избран за претседателски кандидат во 1999 година, Владимир Путин беше човек со многу малку менаџерско искуство. Тој изгледаше совршен во очите на тогашните олигарси, кои сакаа да создадат нов претседател според нивните стандарди. Во следните години отстрани се и секој што ќе му се најдеше на патот. Денеска наполни 70 години и е руски лидер со најдолг стаж по Сталин.

Роден е, израснал и дипломирал право во родниот Санкт Петербург, потоа Ленинград, а додека студирал бил регрутиран во редовите на советската тајна служба КГБ. Неговата биографка Маша Гесен тврди дека растењето во опустошена средина како Ленинград во тоа време го направило Путин насилник. Во филмот за Путин, еден од неговите пријатели од детството рекол дека пораснале во „порочно, гладно, осиромашено место“.

Позната анегдота од неговото детство, која ја раскажа во биографијата „Прва рака“, опишува како размислува Путин.

„Во подрумот имаше стаорци. Јас и моите пријатели ги бркавме со стапови. Еднаш најдов џиновски стаорец и почнав да го бркам додека не го однесов во ќош. Тој веќе немаше каде да бега. Потоа одеднаш се подигна на задните нозе и ме нападна. Тоа се случи сосема неочекувано и за момент бев шокиран. Ја сврте ситуацијата и сега почна да ме брка! Тој скокна по скалите по мене, но јас бев побрз во миг и му ја треснав вратата во лице“, рекол Путин и признал дека научил неколку лекции од ова непријатно искуство.

Најважната лекција е – кога сте заглавени, не дозволувајте стравот да ве парализира, нека стане извор на вашата храброст.

Од средината на седумдесеттите години на минатиот век, тој работел за тајната советска служба и беше испратен во Дрезден, тогашна Источна Германија, од 1985 до 1990 година, во периодот во кој советската власт пропаѓаше. Тој го дочека падот на Берлинскиот ѕид и Советскиот Сојуз додека служеше во ГДР. Неговиот подем во руската политичка хиерархија започна по неговото враќање од распадната ГДР, односно обединувањето на Германија на почетокот на 1990-тите како еден од блиските соработници на градоначалникот на Санкт Петербург Анатолиј Собчак, кој беше и негов политички ментор. Наскоро тој беше поканет во Москва, во администрацијата на претседателот Борис Елцин. Тој го назначи за премиер во средината на 1999 година, а по неговата ненадејна оставка на последниот ден од таа година, Елцин го прогласи Путин за привремен претседател на Руската Федерација. Потоа победи на редовните избори и оттогаш е на чело на Русија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.