Специјалниот известувач на Обединетите нации за бегалци, Фелипе Гонзалес Моралес, порача дека полските власти треба да престанат да притвораат мигранти на границата со Белорусија и да го прекинат нивниот „многу поинаков“ третман кон украинските и неукраинските бегалци.

Моралес ги пофали полските власти и жителите за обезбедување заштита и помош на повеќе од два милиони украински бегалци, пречекувајќи ги во нивните домови од почетокот на руската инвазија.

Сепак, бегалците кои бегаат од Украина, а кои не се по потекло од Украина, се соочуваат со потешкотии во добивањето дозволи за престој и засолниште и немаат еднаква правна заштита – истакна Моралес.

Меѓу бегалците кои бегаат од Украина има и државјани на трети земји, често од Блискиот Исток, Азија и Африка, кои студирале или работеле во таа земја.

Со загриженост забележувам дека овој пристап на двојни стандарди доведе до чувство на дискриминација меѓу државјаните на трети земји – порача Моралес по посетата на Полска и Белорусија од 12 до 25 јули.

Покрај бегалците од војната во Украина, од 2021 година Полска се соочува и со обиди за преминување на границата со Белорусија од десетици илјади бегалци, повеќето од Блискиот Исток и Авганистан.

Таа криза ја поттикна Полска да воспостави вонредна зона, да изгради ограда и да почне кампања за враќање на мигрантите.

Моралес тврди дека тие „рутински“ се приведувани во близина на границата, а меѓу нив има и деца, што е кршење на меѓународното хуманитарно право.

Ја повикав Полска да го користи притворот на мигрантите како последна можна мерка за да се запре практиката на притворање деца – порача Моралес и ги повика властите „веднаш да ги ослободат децата без придружба, децата со семејства, бремените жени и лицата со ментални потешкотии“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.