Италијанскиот десничарски вицепремиер, Матео Салвини, кому со недели му се суди за одбивање да дозволи брод со мигранти да се закотви на италијанскиот брег во 2019 година, вети дека ќе остане на функцијата дури и доколку биде осуден, јави ДПА.
Салвини, кој ја извршува и функцијата министер за инфраструктура и шеф на десничарската популистичка партија Лига, за италијанската телевизија Рете 4 изјави дека е подготвен случајот да го однесе и пред Врховниот суд за да добие ослободителна пресуда.
Во 2019 година, додека ја извршуваше функцијата министер за внатрешни работи, Салвини издаде наредба да се забрани влез на брод со кој управува шпанска хуманитарна организација во пристаништето на италијанскиот остров Лампедуза.
Бродот „Open Arms“, што превезуваше околу 150 мигранти од Африка кои го преминаа Медитеранот за да стигнат до ЕУ, беше принуден да остане на море три недели пред конечно да му биде дозволено да се закотви.
Судскиот процес против Салвини започна пред повеќе од три години во судот во сицилијанската престолнина Палермо, а пресудата се очекува следниот месец.
Обвинителот побара казна затвор од шест години за Салвини, обвинувајќи го политичарот за злоупотреба на службената положба.
Во интервјуто за ТВ Рете 4, Салвини (51) повтори дека верува оти мотивите зад неговото судење се политички.
Ова е обид на левицата да ја нападне владата и правото да ги брани националните граници, изјави Салвини за телевизијата, додавајќи дека очекува да биде ослободен од обвиненијата.
Меѓутоа, ДПА заблежува дека не е јасно дали ќе може да остане дел од владата на премиерката Џорџа Мелони доколку биде прогласен за виновен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.