Повеќето пандемски мерки во Германија се укинати пред велигденските празници. Ова поттикна голем број луѓе повторно да посакаат да одат на одмор, за конечно повторно да одат во ресторан или хотел без заштита на устата и носот.

Ова е секако добра вест за германската хотелска и ресторанска индустрија – последното светло на крајот од тунелот, изјави за ДВ Ингрид Хартгес, генерален директор на германската угостителска организација ДЕХОГА. „Речиси две третини од компаниите што ги анкетиравме ја оценија состојбата со резервациите за претстојните празници како задоволителна и повеќе. По долг период на апстиненција, луѓето имаат особено голема потреба да се опуштат и уживаат, пишува ДВ.

И затоа угостителите ширум земјата повторно додаваат столици и маси, а хотелските соби се преуредуваат за да бидат удобни. Но, со очекуваниот прилив на гости излегува на виделина еден проблем што долго време го загрижува туризмот, забележува Хартгес:

„Поради недостаток на побарувачка за време на пандемијата, угостителската индустрија забележа пад на вработеноста – и покрај сите напори да се задржат вработените. И без мерки за скратено работно време и државна поддршка, загубата на вработени би била уште поголема.

Конкретните бројки покажуваат колкав е недостигот на вработени: во последните две години повеќе од 130.000 работни места се изгубени низ целата земја за кои се платени придонеси за социјално осигурување, како и повеќе од 217.000 т.н. мини-работни места, каде социјалното осигурување или не се исплаќа или го плаќаат самите работници.

Многумина кои претходно ги правеа овие мини-работни места во хотелите и рестораните се префрлија на други работи, кои беа отворени за време на карантинот. А сега е тешко или невозможно да се вратат тие луѓе бидејќи во меѓувреме се навикнаа на редовното работно време и слободните викенди.

Само во регионот Берлин-Бранденбург, според Seenland Oder-Spree, 20 отсто од вработените го напуштиле туризмот. А пазарот на трудот е без достапни работници, вели претседателката на здружението Елен Русиг, „бидејќи секој туристички објект бара готвачи и келнери“.

Шефот на хотел во Бад Саароу, Јорн Петерс, додава: „Воопшто не е можно да се обидете да убедите некого дека ова е одлична работа. Нема шанса затоа што немате на кого да му кажете – никој не се ни пријавува на огласите“.

Помалите угостители се обидуваат да ги премостат тесните грла со привремени решенија: во семејните објекти управувани од самиот сопственик, тој едноставно работи повеќе од вообичаено, многумина го намалуваат изборот на јадења во нивните ресторани или го скратуваат работното време, на пример со тоа што се отворени само навечер.

За некои угостители, дигиталните решенија би можеле да помогнат да се надомести недостигот на персонал. Тие им овозможуваат на гостите електронски системи за нарачки и плаќање, за да можат самите да испраќаат нарачки во кујната или во барот.

Иако сè поголем број угостители користат вакви или слични системи и со тоа го намалуваат бројот на вработени, овие дигитални помагачи имаат и недостатоци. Од една страна, потребно е одредено време да се тренирате и да се вклучите во бизнисот, а од друга страна, секако неопходно е да се вложат дополнителни средства, кои прво мора да се заработат на шанк или во кујна.

Гастрономијата и гостопримството сега ги полагаат своите надежи на странските работници. Хартгес истакнува дека „угостителската индустрија е многу атрактивна и меѓународна, за странските работници е релативно лесно да најдат работа. „Околу 35 проценти од нашите вработени имаат странско државјанство – повеќе од која било друга индустрија во Германија“.

Според Хартгес, поволно е што сѐ повеќе бегалци од Украина наоѓаат работа во германската туристичка индустрија. Дополнително, DEHOGA се обидува да привлече повеќе работници од Германија преку проширување на програмите за обука и вработување на млади луѓе.

Меѓутоа, војната во Украина со себе носи нови проблеми, пред се во вид на зголемени трошоци за енергија, кои рапидно растат. Ова исто така го прави патувањето поскапо, што на крајот би можело да задржи многу туристи повторно дома.

Растат и оперативните трошоци на хотелите и рестораните поради високите трошоци за енергија и храна. Лесно може да се случи долгоочекуваниот позитивен ефект од дополнителните приходи врз основа на повеќе гости по загубите за време на пандемија, целосно да исчезне.

Според истражувањето на DEHOGA, претприемачите ги наведуваат експлозивните трошоци за енергија (85,5%) како најголем предизвик во моментот, проследено со проблеми поради зголемувањето на цените на храната (84,9%), економските последици поврзани со короната (67,6%) и зголемениот трошок за вработените (65,8%).

Колку овие зголемени трошоци ќе доведат до повисоки цени за потрошувачите се уште е нејасно, вели првиот човек на ДЕХОГА. Но: „Добриот претприемач од една страна ќе се погрижи за понудата и цените и ќе ги приспособи доколку е потребно, но од друга страна не смее да ги запостави гостите“



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.