Американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин, ги повика Турција и Унгарија да го ратификуваат влезот на Шведска во НАТО „што е можно поскоро“, поточно пред следниот самит на Алијансата на почетокот на јули, што ќе се одржи во Литванија.

Ние брзаме наскоро да ја примиме Шведска како 32. членка. И да бидеме јасни: брзаме да го оствариме тоа пред самитот во јули. Американската војска ги зајакнува поморските и воздушните мисии во Шведска за да ја покаже својата длабока поддршка, изјави Остин за време на посетата на шведската поморска база Муске, во близина на Стокхолм.

Шведска и Финска заедно аплицираа за членство во НАТО минатата година по почетокот на руската воена операција во Украина, откажувајќи се од својот неутрален статус, а досега е примена само Финска, додека приемот на Шведска е блокиран пред се од Турција, која бара промена на шведската политика кон курдските партии и активисти во земјата.

Шведска и земјите од НАТО се надеваат дека ќе ги расчистат пречките пред самитот на Алијансата во Вилнус, Литванија, на почетокот на јули, но се чини дека тоа ќе биде тешко.

Аналитичарите сметаат дека многу ќе зависи од исходот на изборите во Турција на 14 мај, на кои претседателот Реџеп Таип Ердоган се кандидира за нов мандат.

Турција ја обвинува Шведска дека е засолниште за курдските „терористи“, како што таа ги нарекува, или за оние кои се непријателски настроени кон Анкара, и бара екстрадиција на десетици луѓе во Турција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.