Руската агресивна војна е најголемата закана за мирот и безбедноста во Европа, а помошта на севернокорејските сили за Русија претставува голема ескалација на војната против Украина, заклучија во вторник претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.

„Агресивната војна на Русија на европска почва е единствената најголема закана за мирот и безбедноста на европскиот континент“, се вели во заедничката изјава по првата средба меѓу Фон дер Лајен и Руте, кој неодамна ја презеде функцијата генерален секретар на НАТО.

И двајцата се согласуваат дека „распоредувањето на севернокорејските трупи за поддршка на руската агресивна војна претставува значајна ескалација на војната против Украина, како и сериозна закана за европската безбедност и глобалниот мир“.

На нивната прва средба е договорено формирање работна група на високо ниво за зајакнување на постојната соработка меѓу ЕУ и НАТО.

Руте и фон дер Лајен, исто така, разговарале за „зголемената самоувереност на авторитарните држави на светската сцена“.

„Овие земји ги доведуваат во прашање нашите заеднички интереси, вредности и демократски принципи, користејќи повеќе средства – политички, економски, технолошки и воени“, истакнуваат Руте и Фон дер Лајен.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.