Регионалниот шеф на Доњецк, назначен од Москва, Денис Пушилин, изјави дека руските сили контролираат повеќе од 75 отсто од опколениот град Бахмут. На каналот на Телеграм тој објави снимки од посетата на овој мал рударски град во кој се водат најкрвавите битки во 13-месечната војна во Украина.

Со апсолутна сигурност можам да кажам дека повеќе од 75 отсто од градот е под контрола на нашите единици, изјави по посетата Пушилин за државниот ТВ канал „Росија-24“, иако предупреди дека е премногу рано да се зборува за падот на Бахмут.

Русија смета дека заземањето на Бахмут ќе ја отвори можноста за идни офанзиви низ Украина, додека Киев и Западот велат дека уништениот град има само симболично значење.

На снимката Пушилин им дава одликувања на борците на платеничката војска „Вагнер“, која го предводи нападот врз Бахмут.

Командантот на копнените сили на Украина, Олександр Сирски, претходно вчера изјави дека Русите во Бахмут почнале да ја користат тактиката на „испржена земја“, што ја користеле во Сирија, и дека притоа се уништуваат згради и позиции со воздушни напади и артилерија, додавајаќи дека украинската одбрана на градот Бахмут продолжува.

Ситуацијата е тешка, но може да се контролира, изјави тој, цитира украинскиот воен медиумски центар.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.