Шефот на рускиот центар за национална одбранбена контрола, генерал полковник Михаил Мизинцев, истакна дека Русија бара на цивилите да им биде дозволено да ја напуштат фабриката „Азовстал“ во Мариупол, доколку таму навистина ги има.

Пораката на Мизинцев доаѓа откако во последните ден-два, неколку официјални претставници на Киев изјавија дека, наводно, во „Азовстал“ имало голем број цивили.

Мизинцев истакна дека смета оти ова е уште еден „информативен спин“ на Украинеците.

Сигурни сме дека ова е уште еден информативен спин, измислен исклучиво за спас на националистите – порача Мизинцев.

Тој повтори дека Русија го гарантира животот и безбедноста на сите кои ќе се предадат.

Доколку некој од цивилното население е во „Азовстал“, бараме да се преземат сите мерки за негово ослободување и излегување низ отворените хуманитарни коридори. Раководството на Руската Федерација гарантира живот, целосна безбедност и обезбедување квалификувана медицинска помош на сите оние кои ќе го положат оружјето и ќе излезат од „Азовстал“ – порача генерал Мизинцев.

Тој нагласи дека руското раководство ќе обезбеди безбедна евакуација на сите цивили без исклучок и нивно движење во хуманитарните конвои во која било насока што ќе ја изберат.

Министерството за одбрана на Руската Федерација, претходно, соопшти дека руската армија го запрела огнот и отворила хуманитарен коридор преку кој украинските борци кои доброволно го положиле оружјето можат да ја напуштат фабриката „Азовстал“.

За таа цел беше воведен „режим на целосен молк“, односно прекинати се сите воени акции на руските вооружени сили и Доњецката Народна Република, по целиот периметар на „Азовстал“, а единиците беа повлечени на безбедно растојание – изјави генерал-полковник Мизинцев



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.