За исполнување на указот на претседателот Владимир Путин од 5 март, Владата на Русија објави список со 50 „непријателски држави“, меѓу кои е и Бугарија (и Република Македонија н.з.). Тој ги опфаќа Европската унија, САД, Велика Британија, Канада, Јапонија, Швајцарија, Сингапур, Јужна Кореја, Норвешка, Микронезија, па дури и минијатурниот Сан Марино, пишува софиски „Дневник“.

Така, сите кредитори од тие држави, доделените кредити на руската држава и компании ќе ги добиваат веќе само во рубљи. Ова е на работ на технички банкрот на државата, зашто формално таа може да тврди дека ги исполнува своите обврски, но добиените валути ги враќа во рубљи, иако според курсот на денот на плаќањето. Многу финансиски експерти очекуваат Централната банка на Русија да воведе некаков фиксен курс, што ќе биде далеку од реалниот.

Денеска вредноста на рубљата падна уште повеќе, иако девизните пазари се затворени барем до утре. Скромната трговија со руската валута на девизните пазари во странство стигна до курс од 135-141 рубљи за еден долар (во петокот беше 121 рубња за долар). Разликата е толку голема, што покажува растечка неликвидност на пазарот за рубљи. Од почетокот на годинава руската валута е обезвреднета за над 40% и се забрза по инвазијата против Украина.

Сите договори на руските компании со бизнис и физички лица од „непријателските држави“ веќе ќе се одобруваат од специјална владина комисија, која ќе биде дел од Комисијата за контрола на странските инвестиции, се вели во соопштението на сајтот на Владата.

Централната банка ќе занимава со финансиските институции на кои од Русија им должат пари, а оваа владина подкомисија со правните и физичките лица. Привремениот режим за плаќање на девизните обврски со рубљи ќе важи за износи над 10 милиони рубљи месечно, што моментно е околу или под 70.000 американски долари.

На чело на комисијата, која ќе носи одлуки за договори и девизни операции, ќе биде министерот за финансии Антон Силуанов. Таа нема да се занимава со компании во страство, кои се под контрола на руски правни или физички лица, вклучувајќи ги и тие, кои во нивно име во „непријателските држави“ се раководени од странски правни лица. Поинаку речено, сите јавни или прикриени зад адвокатски фирми руски сопственици, па и оние во оф-шор зоните, ќе можат да работат, барем според позицијата на Москва, без новите ограничувања.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.