Американските власти соопштија дека Федералното истражно биро (ФБИ) успеало да ја врати контролата врз илјадници рутери и „фајервол“ уреди од руски воени хакери.

Со обидот за хакирање, руските шпиони сакале да воспостават комуникација со Москва.

За среќа, успеавме да го попречиме овој ботнет пред да може да се користи – изјави американскиот државен обвинител, Мерик Гарланд.

Ботнет е мрежа која е создадена исклучиво за да донесе огромни придобивки за хакерите кои стојат зад него.

Целниот ботнет е контролиран од злонамерен софтвер наречен „Cyclops Blink“, кој агенциите за сајбер одбрана на САД и Велика Британија јавно му го припишаа на „Sandworm“, наводно еден од хакерските тимови на руската воена разузнавачка служба постојано обвинет за извршување сајбер напади.

Го отстранивме малициозниот софтвер од уредите што ги користат илјадници претежно мали бизниси за мрежна безбедност ширум светот. Ја затворивме вратата во која влегоа Русите –  изјавија американските власти.

Овој наводен хакерскиот напад доаѓа во време на новите санкции што Америка ги воведе кон Русија. Санкциите ќе бидат воведени во координација со земјите членки на Г7 и Европската Унија.

Новиот пакет санкции ќе ги забрани сите нови инвестиции на американските граѓани во Русија, ќе ги зголеми санкциите против финансиските институции и државните компании во Русија и ќе ги санкционира руските владини претставници и членовите на нивните семејства.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.