Руски дипломат даде отказ во знак на протест поради „крвавата, безумна“ војна „покрената од Путин против Украина“.

Борис Бондарев, чиј профил на Линкдин вели дека работел во руската мисија во ОН во Женева, изјави за Би-би-си дека знаел дека неговата одлука да проговори може да значи дека Кремљ сега го смета за предавник.

Но тој остана на својата изјава дека оваа војна е „злосторство против украинскиот народ“ и „народот на Русија“.

Москва сѐ уште не коментираше.

Во писмото објавено на социјалните мрежи и споделено со колегите дипломати, Бондарев објаснува дека избрал да ѝ стави крај на својата 20-годишна кариера во службата затоа што не може „повеќе да учествува во ова крваво, безумно и апсолутно непотребно срамотење“.

„Оние што ја замислија оваа војна сакаат само едно – да останат на власт засекогаш“, напиша тој.

„За да го постигнат тоа, тие се подготвени да жртвуваат онолку животи колку што е потребно“, продолжи тој. „Илјадници Руси и Украинци веќе загинаа токму поради ова.“

Во писмото тој не се воздржува ни да го нападне својот поранешен работодавец, обвинувајќи го руското Министерство за надворешни работи дека е повеќе заинтересирано за „лаги и омраза“ отколку за дипломатија.

„Агресивната војна… најтешкото злосторство… хушкање на војна, лаги и омраза…“

Говорејќи за Би-би-си, Бондарев рече дека „не видел никаква алтернатива“ освен да поднесе оставка:

„Јас не мислам дека тоа ќе промени многу, искрено, но мислам дека можеби е една мала тула во поголемиот ѕид што на крајот би се изградил. Се надевам дека е така“.

Бондарев откри дека инвазијата првично била дочекана од колегите со „среќа, задоволство, еуфорија“ поради фактот што Русија „презела некои радикални чекори“.

„Сега тие се помалку задоволни со тоа, бидејќи се соочуваме со некои проблеми, пред сè со економијата“, изјави тој за Би-би-си. „Но не гледам дека многумина од нив би се покајале и би ги смениле своите ставови.“

„Можеби ќе станат малку помалку радикални, помалку агресивни. Но не и мирољубиви“, рече тој.

Бондарев во своето отворено писмо вели дека „никогаш не сум се срамел толку од мојата земја“ како на 24 февруари, денот кога почна инвазијата.

Бондарев добро знае дека Москва сега ќе го гледа како предавник, но забележува дека „не направил ништо незаконско“.

„Само дадов оставка и го кажав своето мислење“, рече тој. „Но мислам дека мора да бидам загрижен за мојата безбедност, се разбира.“



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.