Најмалку пет лица загинаа во руско гранатирање на Украина во последните 24 часа, соопштија денеска локалните власти, додека Украина извршила напади со дронови во западна Русија, пренесува Радио Слободна Европа (РСЕ).

Во гранатирање на Доњецк и Харков загинале пет цивили.

Во Доњецк загинале три лица, две во Бохојавленка и едно во Иванопил, соопшти на Телеграм регионалниот гувернер Вадим Филашкин, додавајќи дека уште осум лица се ранети.

Руските војници, исто така, гранатирале населени области во Херсон, соопшти регионалниот гувернер Олександр Прокудин, додавајќи дека во градот се оштетени здравствена установа, административни и станбени згради и телекомуникациска кула.

Во областа Запорожје во југоисточниот дел на земјата, две жени и едно 11-годишно девојче се ранети во руско гранатирање, изјави регионалниот гувернер Иван Федоров.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека 17 дронови биле соборени над Краснодар, 12 над Курск, два над Белгород, додека други 16 биле соборени долж брегот на Азовското Море.

Во исто време, украинските воздухопловни сили тврдат дека противвоздушната одбрана соборила 24 од 28-те беспилотни летала лансирани од Русија во регионите Суми, Полтава, Дњепропетровск, Николаев и Херсон.

Украински дронови ги нападнале руските региони Белгород и Краснодар, при што биле повредени три лица, соопштија локалните власти.

Гувернерот на Белгород, Вјачеслав Гладков, на Телеграм соопшти дека една жена и двајца мажи, кои биле ранети во напад на Устинка, се хоспитализирани.

Во Краснодар, украински беспилотни летала уништија три куќи и едно возило, напиша регионалниот шеф Венјамин Кондратиев на Телеграм, додавајќи дека нема информации за повредени.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.