Русија првпат по повеќе од сто години не го плати навреме надворешниот долг, пишува Блумберг. Русите треба да платат 94,6 милиони евра и се спремни да ја платат таа сума, но спречени се од санкциите, кои ги оневозможуваат плаќањата до меѓународните кредитори.

Кремљ беше решен да го спречи таквото сценарио, а рускиот министер за финансии Антон Силуанов ситуацијата ја нарече фарса. Каматата од 94,6 милиони евра доспеа на 27 мај.

Русите тврдат дека ги испратиле парите до Еуроклиар, банката што требаше да ја распредели исплатата до инвеститорите. Меѓутоа, таму парите заглавиле, а доверителите не ги примиле парите, пишува Блумберг.

Во меѓувреме, некои тајвански сопственици на руски обврзници не примиле исплати на каматите, според Ројтерс, цитирајќи два извори. Парите не стигнале во рок од триесет дена од доспевањето, односно до синоќа. Еуроклиар не сакал да потврди дека плаќањето е блокирано, но рече дека ги почитува сите санкции.

Оваа ситуација последен пат се случи во 1918 година за време на болшевичката револуција кога новиот комунистички лидер Владимир Ленин одбил да ги плати долговите на Руската Империја.

Министерот за финансии Антон Силуанов призна дека странските инвеститори нема да можат да примаат исплати.

„Постојат две причини. Првата е што на странската инфраструктура ѝ е забрането да врши каква било работа поврзана со Русија. Втората е дека на странските инвеститори изрично им е забрането да примаат уплати од нас“, рече Силуанов

.
Тој посочи дека Русија сака да го плати долгот и дека има доволно пари да го исплати надворешниот долг.

„Целата оваа ситуација е фарса“, рече рускиот министер.

Би-би-си пишува дека неисполнувањето на обврските е симболичен удар за Русија, но дека ќе има многу малку директни последици.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.