Руското Министерство за одбрана ги отфрли тврдењата на Украина дека стотици цивили биле убиени од руските војници во Буча.

-Сите фотографии и видеа објавени од режимот во Киев, а кои наводно сведочат за некои „злосторства“ на руски воен персонал во градот Буча, Киевската област, претставуваат уште една провокација. Додека оваа населба беше под контрола на руските вооружени сили, ниту еден локален жител не настрада од никакви насилни дејствија, соопшти Министерството за одбрана на Русија.

Тие потсетија дека цело време кога градот бил под контрола на руската војска, во Буча, локалните жители слободно се движеле низ градот и користеле мобилна комуникација.

– Поаѓањето од градот Буча не е блокирано. Сите локални жители имаа можност слободно да ја напуштат населбата во северниот правец, вклучително и Република Белорусија, посочуваат од Министерството.

Москва потсети дека во исто време, украинските војници дење и ноќе ги гранатирале јужните предградија на градот, вклучувајќи ги и станбените области.

-Сите руски единици целосно се повлекоа од Буча на 30 март, ден по рундата директни преговори меѓу Русија и Украина во Турција, соопшти Министерството за одбрана.

Не е чудно што сите таканаречени „докази за злосторства“ во Буча се појавија дури четвртиот ден, кога во градот пристигнаа службеници на СБУ и претставници на украинската телевизија, додаваат тие.
– Посебно загрижува тоа што сите тела на луѓето чии слики ги објави режимот во Киев не се стврднаа по најмалку четири дена, немаат карактеристични мртви точки, а во раните има незгрутчена крв. Сето ова непобитно потврдува дека фотографиите и видеата од Буча се уште една продукција на режимот во Киев за западните медиуми, како што беше случајот во Мариупол со породилиштето, но и во други градови, заклучува Министерството за одбрана.

Претходно, украинските власти и медиумите дистрибуираа снимки наводно снимени во градот Буча во регионот на Киев, каде телата на загинатите лежат на патот.

Тие потсетија дека градоначалникот на Буча, Анатолиј Федорук, во својата видео порака на 31 март потврдил дека во градот немало руски војници, а притоа не спомнал убиено „локално население во кое било пукано на улица додека им биле врзани рацете“.

Претходно денеска, францускиот претседател Емануел Макрон порача дека руските власти ќе мора да одговараат за овие злосторства. Со коментар излезе и шефот на НАТО, Јенс Столтенберг кој рече дека смртта на цивилите во Буча е бруталност каква што не сме виделе во Европа со децении.

Украинската војска вчера ја ослободи Буча, откако руската армија се повлече кон Белорусија. Новинарите и војската затекнале лешеви по улиците, од кои дел биле со заврзани раце зад грб. Властите соопштија дека во масовна гробница во Буча биле закопани 57 луѓе. Фотографии со мртви тела на улиците објави на социјалните мрежи и украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, повикувајќи ја групата Г7 да воведе санкции кон Русија како одговор на злосторството.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.