Финска од неделава може да остане без испораки на руски гас, пред се, поради барањето на Москва гасот да го плаќа во рубљи и денешното официјално барање на Хелсинки да се приклучи на НАТО, соопшти денеска финскиот државен снабдувач со гас компанијата „Гасум“.

„Гасум“ соопштува дека не добил никакви информации во врска со прекинот на испораката на гас од руската компанија „Газпром експорт“ или руската компанија за пренос на гас, но дека се во тек подготовки во случај Москва да го исклучи гасот доцна во петок или в сабота.

„Гасум ќе продолжи да се подготвува за кризата заедно со своите клиенти и националните власти одговорни за итни снабдувања“, се наведува во соопштението.

Извозот на руски гас во Финска од 1 јануари до 16 март годинава во просек изнесуваше околу 3,2 милиони кубни метри дневно.

Минатиот петок Финскиот комитет за вонредни состојби јави дека е подготвен да се справи со проблемите во случај Русија да го прекине снабдувањето со природен гас.

Британските медиуми наведуваат дека Финска увезува најголем дел од својот гас од соседна Русија, но тој е само околу пет отсто од нејзината годишна потрошувачка на енергија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.