Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денеска изјави дека Москва го цени кинескиот план за решавање на конфликтот во Украина и е отворена за опцијата за постигнување на целите на „специјалната воена операција“ преку политички и дипломатски средства, додавајќи дека тоа би претпоставувало признавање на „новата територијална реалност“ во Украина, пишува Гардијан.

И украинскиот претседател денеска го искоментира кинескиот мировен план за време на прес-конференцијата по повод годишнината од руската инвазија.

„Добро е што Кина зборува за Украина. Пекинг нема лоши интереси. Според соопштението, Кина го почитува нашиот територијален интегритет. Но, прашањето е што следи по тие зборови. Прашањето е во чекорите и каде ќе водат тие. Некои точки во декларацијата ми се разбирливи, а со некои не се согласувам“, рече Зеленски.

Кина повика на обновување на мировните преговори меѓу Русија и Украина со цел да се стави крај на војната. На веб-страницата на кинеското МНР објавија документ со 12 точки. Во првата точка сите инволвирани страни се повикуваат да го почитуваат суверенитетот на сите народи. Планот го повикува светот „да го напушти менталитетот на Студената војна“ со ставање крај на „сите еднострани санкции кои не се одобрени од Советот за безбедност на ОН“.

Голем број земји воведоа санкции кон Русија, земјата која ја почна војната во Украина. Кина повикува на прекин на непријателствата преку дијалог и преговори, додавајќи дека Пекинг планира да „игра конструктивна улога“.

Кина исто така бара решенија за хуманитарната криза предизвикана од војната, заштита на цивилите и воените заробеници и безбедноста на нуклеарните централи. Под точката „намалување на стратешките ризици“ во кинескиот документ, се наведува дека „не смее да се користи нуклеарно оружје“ и се изразува противење на каква било закана која вклучува нуклеарно оружје.

Имено, Кина  објави документ од 12 точки во кој детално се опишува нејзината позиција за војната во Украина и повикува на прекин на непријателствата и започнување на мировни преговори.

Во документот насловен „Позицијата на Кина за политичкото решавање на кризата во Украина“, кинеското Министерство за надворешни работи наведува дека Кина ќе продолжи да игра конструктивна улога во продолжувањето на мировните преговори, пренесува „Си-Ен-Ен“.

Секоја точка е проследена со параграф кој ја објаснува позицијата на Кина, но не дава конкретни предлози за тоа како треба да се постигнат позициите на Кина.

Во документот се наведени следните 12 точки: почитување на суверенитетот на сите земји, напуштање на менталитетот на Студената војна, завршување на непријателствата, продолжување на мировните преговори, решавање на хуманитарната криза, заштита на цивилите и воените заробеници, зачувување на безбедноста на нуклеарните централи, намалување на стратешките ризици, олеснување на извозот на жито, запирање на еднострани санкции, одржување стабилни индустриски и синџири на снабдување, како и промовирање на постконфликтна реконструкција.

Кинеската влада ги повика Русија и Украина да се вратат на дијалогот и ја отфрли секоја употреба на нуклеарно оружје како неприфатлива.

– Сите страни мора да ги охрабрат Русија и Украина да се движат во иста насока и што е можно поскоро да се вратат на директен дијалог – соопшти кинеското Министерство за надворешни работи.

Министерството потврди дека „не смее да се користи нуклеарно оружје“.

– Не треба да се користи нуклеарно оружје и да не се вклучува нуклеарна војна. Треба да се спротивстави на заканата од нуклеарно оружје или нивна употреба – се наведува во документот.

Покрај тоа, Кина бара од двете земји да избегнуваат напади врз цивили.

– Страните во конфликтот мора строго да се придржуваат до меѓународното хуманитарно право, да избегнуваат напади врз цивили и цивилни објекти – нагласуваат од министерството.

Оваа војна е чувствително прашање за Пекинг поради неговите многу силни долгогодишни дипломатски и економски врски со Москва, зацементирани од заедничкиот интерес за противтежа на Вашингтон.

Утрово и Киев го објави таканаречениот „мировен план“ на Пекинг, велејќи дека тоа е „добар знак и сигнал дека Кина сака да се приклучи на глобалните напори за запирање на војната во Украина“, пишува Ројтерс, повикувајќи се на неименуван извор од украинската дипломатија.

Изворот додаде дека „Украина има и мировен план за кој се надева дека ќе ја добие поддршката од Кина“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.