На Волстрит берзанските индекси во средата пораснаа трет ден со ред, откако челниците на американската централна банка (Federal Reserve – Fed) ги задржаа проценките за намалување на каматните стапки оваа година и ја зголемија проценката за економскиот раст.

Индексот Dow Jones зајакна за 1,03 отсто, на 39.512 поени, додека индексот S&P се зголеми за 0,89 отсто, на 5.224 поени, а индексот Nasdaq за 1,25 отсто, на 16.369 поени.

Очекувано, по дводневната седница челниците на Fed ги оставија каматните стапки непроменети во опсегот од 5,25 до 5,50 отсто. Но, инвеститорите беа охрабрени од потврдата на централната банка на проценките дека би можеле да ги намалат каматните стапки трипати оваа година, и покрај зголемената инфлација во САД во јануари и февруари.

Претседателот на Fed, Џером Пауел, го потврди ова на прес-конференцијата. Порастот на инфлацијата во првите два месеца „не ја промени целокупната слика, а тоа е дека инфлацијата, иако со пречки на патот, постепено се спушта кон целното ниво од 2 отсто“, посочи Пауел.

По седницата беа објавени нови прогнози на шефот на Fed, при што ја зголемија проценката за економскиот раст годинава од претходните 1,4 на 2,1 отсто. Додуша, тие ја зголемија и проценката за просечна инфлација оваа година од претходните 2,4 на 2,6 отсто, но тоа не ги загрижи инвеститорите, бидејќи челниците на Fed, сепак, веруваат дека би можеле да ги намалат каматните стапки трипати оваа година за по 0,25 отсто. .

Благодарение на ова, во девет од 11-те најважни сектори на индексот S&P 500, цените на акциите вчера пораснаа, а највисоко во тргосвскиот сектор, за 1,5 отсто.

А на повеќето европски берзи цените на акциите вчера паднаа. Лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,01 отсто, на 7.737 поени, а париски CAC за 0,48 отсто, на 8.161 поен. Франкфуртски DAX зајакна, пак, за 0,15 отсто, на 18.015 поени.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.