Русија нема против Украина да влезе во Европската унија, која не е воена организација, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин.

ЕУ не е воена организација или воено-политички блок, за разлика од НАТО. Секогаш сме зборувале и секогаш ќе кажам дека нашиот став е многу јасен по ова прашање. Немаме ништо против влезот на Украина“, рече Путин на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург. „Никогаш не сме биле против ова (влезот на Украина во ЕУ). Отсекогаш сме биле против воениот развој на украинската територија, бидејќи тоа ја загрозува нашата безбедност. На тоа се спротивставивме. Но, кога станува збор за економската интеграција – за волја на Бога, тоа е нивен избор, рече Путин.

Истовремено, нагласи тој, целисходноста на пристапувањето на Украина во Европската унија ќе ја определи и ЕУ, јави Танјуг.

Тоа е суверена одлука на која било земја – да се приклучува или да не се приклучува на економските здруженија, а работата на ова или она економско здружение е да прими нови членови или не. Дозволете им на земјите од ЕУ да одлучат колку тоа е можно и изводливо. „Дали тоа ќе биде од корист или штета за Украина е целосно нивна работа, работа на украинскиот народ и на украинското раководство денес, заклучи Путин.

Денеска Европската комисија и препорача на Европската унија да им додели кандидатски статус на Украина и Молдавија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.