Украинските обвинители кои ги истражуваат можните воени злосторства од страна на Русија соопштија дека пронашле 410 мртви тела на цивили во градовите во близина на Киев.

Генералниот обвинител Ирина Венедиктова рече дека 140 од телата веќе се идентификувани, пренесе ББС. Ова следи по објавувањето на снимките од Буча, во близина на Киев, што го згрозија светот. Украинската војска вчера го ослободи градот, откако руската армија се повлече кон Белорусија, а новинарите и војската затекнале лешеви по улиците, од кои дел биле со заврзани раце зад грб. Дел од западните медиуми објавија дека најмалку 20 мртви мажи во цивилна облека биле пронајдени на една улица.

Дополнително, во масовната гробница во истиот град, пронајдени се 57 тела на убиени цивили, изјави шефот на локалниот спасувачки тим Серхи Каплични.

Руското министерство за одбрана попладнево ги отфрли обвинувањата. Бројните фотографии и видеа ги нарече провокација, тврдејќи дека сите руски воени единици го напуштиле градот во средата. Се наведува дека фотографиите и видео снимките се „последната лага од режимот во Киев“.

Претходно, францускиот претседател Емануел Макрон Порача дека руските власти ќе мора да одговараат за овие злосторства. Шефот На Нато, Јенс Столтенберг рече дека смртта на цивилите во Буча е бруталност каква што не сме виделе во европа со децении.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен фотографиите ги оцени како ужасни и рече дека оние што ги извршиле тие убиства ќе одговараат за воени злосторства.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.