Светската банка очекува дека украинската економија оваа година ќе се намали за 45% како резултат на војната. Светска банка, исто така, предвидува дека во Источна Европа и Централна Азија ќе има поголеми економски штети отколку тоа што го предизвика пандемијата на корона вирусот, објави „Би-Би-Си“.

Голем дел од украинската работна сила беше принудена да побегне или да се бори. Бизнисите се затворени, додека патиштата, фабриките и другата инфраструктура се уништени, а Светска банка вели дека долгорочниот напредок е поништен.

Украина беше главен извор на земјоделски култури како што се сончогледот и пченицата, но со прекинот на извозот, глобалните цени на храната се зголемија и Украина загуби важен дел од својот приход.

Прогнозата на Светска банка вели дека руската економија ќе падне за повеќе од 11 отсто поради санкциите.

Исто така, додека економските последици од војната ќе бидат „драматични“ за Русија и Украина, тие ќе варираат во секој друг регион во светот, предупредуваат од „Оксфрод економиск“ (Oxford Economics), британска консултантска фирма. Полска и Турција, на пример, имаат важни трговски врски со Русија и се многу поранливи на последиците од војната отколку економиите на другите земји.

Полска увезува повеќе од половина од целокупното гориво од Русија, додека Турција увезува повеќе од една третина. Во меѓувреме, американската трговија со Русија е само 0,5 отсто од нејзиниот бруто домашен производ (БДП), а за Кина таа бројка е 2,5 отсто – така што последиците за овие две земји ќе бидат минимални.

Бен Меј, директор на глобалните макро истражувања во „Оксфорд економикс“, предвидува дека војната ќе го намали глобалниот раст за околу 0,2 проценти оваа година – од четири на 3,8 проценти.

Но, тоа само ако конфликтот не е долг и развлечен. Се разбира, ако имаме многу подолг конфликт, тогаш последиците би можеле да бидат многу полоши – предупредува Меј.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.