Киргистанскиот претседател Садир Жапаров побара од неговиот руски колега Владимир Путин да се вклучи во процесот на демаркација на границата со Таџикистан, еден месец по конфликтот меѓу двете земји, објави државното радио Биринчи.

Според Марат Иманкулов, секретар на Киргистанскиот совет за безбедност, киргистанскиот претседател се обратил до Путин и побарал помош од Русија, бидејќи, како што рече, „било комплицирано двете страни да постигнат договор“.

Дел од 970-километарската заедничка граница меѓу двете централноазиски земји е оспорен од распадот на Советскиот Сојуз, со тензии околу пристапот до ресурсите.

Во средината на септември, според властите на двете земји, во судирите во регионот Баткен во југозападен Киргистан, кој се граничи со Таџикистан, загинаа околу сто луѓе.

Проблемите со границите настанаа бидејќи прашањето за демаркација и ограничувања не беше решено во времето кога двете земји беа дел од Советскиот Сојуз. Русија е земја наследник на Советскиот Сојуз, архивските документи и мапи се во Москва – изјави Иманкулов.

Киргистан и Таџикистан се исто така членки на Организацијата на Договорот за колективна безбедност, воена алијанса предводена од Москва.

Владимир Путин, Садир Жапаров и нивниот таџикистански колега Емомали Рахмон разговараа на 13 октомври во Астана, Казахстан, на маргините на регионалните самити. Тоа беше прва средба меѓу Жапаров и Рахмон по конфликтот во септември.

По тој состанок, Путин даде уверување дека Русија не претендира на улогата на посредник, туку дека ќе „разгледа документи и мапи“ за „да бара решение“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.