Чешкиот претседател Милош Земан ја обвини ЦИА за „бламажа“ поради најавите за руски напад врз Украина оваа недела и повтори дека верува оти нема да има војна освен можеби ограничен конфликт во сепаратистичките области на Украина.

Русите не се луди да се вклучат во операција која ќе им нанесе повеќе штета отколку корист. Кога станува збор за американските тајни служби, ова им е трета бламажа. Првата беше војната во Ирак каде не беше пронајдено оружје за масовно уништување. Втората во Авганистан кога тврдеа дека талибанците никогаш нема да го освојат Кабул. А третата е сега – изјави Земан во интервју што го објави чешкиот весник „Млада Фронта Днес“.

Чешкиот претседател изјави дека не верува оти нападот врз Украина не се случил затоа што западните разузнавачки служби однапред предупредија дека знаат за плановите и можноста за агресија врз Украина.

Мислам дека тоа е обид да се скрие срамот. Веста дојде од американски извори пред пет дена. И како што можете да видите, тоа не се случи. Во секој случај, тоа беше извештај на ЦИА. И не се прашувам какви извори на информации има. Само врз основа на споменатите три случаи се сомневам во квалитетот на тие извори – истакна Земан.

Претседателот на Чешка, сепак, не ја исклучува можноста дека во Украина ќе има војна.

Не можам да исклучам некој локален конфликт на границите на Доњецк или Луганск. Но, тоа е нешто сосема различно од руска агресија врз Украина. Западот го прави ова, а генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг вели дека Русите се подготвени и војната може да почне во секој момент, но против тоа зборува повлекувањето на руските единици – вели Земан.

Според него, распоредувањето на руски трупи на границата со Украина е само воена вежба која русите ја завршуваат на своја територија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.