Обновливите извори на енергија учествувале со 37 отсто од бруто потрошувачката на електрична енергија во ЕУ во 2020 година, во споредба со 34 отсто една година порано.

Според податоците на Евростат, енергијата од ветерот и хидроенергијата заедно сочинуваат повеќе од две третини од вкупната електрична енергија произведена од обновливи извори, 36 проценти и 33 проценти, соодветно. Преостанатата третина од електричната енергија доаѓа од соларна енергија (14 проценти), цврсти биогорива (осум проценти) и други обновливи извори (осум проценти).

Во анализата на Евростат се наведува дека сончевата енергија е најбрзо растечки извор бидејќи во 2008 година учествувала само еден процент од вкупната потрошена електрична енергија во ЕУ, а во 2020 година се зголемила на 14 проценти.

Меѓу земјите-членки на ЕУ, најголема потрошувачка на енергија од обновливи извори има во Австрија (78 отсто) и Шведска (75 отсто), како и во Данска (65 отсто) и Португалија (58 отсто). Најмал удел на електрична енергија од обновливи извори има во Малта, само 10 отсто, Унгарија и Кипар (по 12 отсто), Луксембург (14 отсто) и Чешка (15 отсто).



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.