Густаво Петро ќе стане денес првиот колумбиски левичарски претседател, кого гласачите го избраа со надеж дека ќе спроведе амбициозни општествени и економски реформи и така ќе ги намали насилството и нееднаквоста во поларизираната држава.

Петро, поранешен припадник на герилците М-19, би требало да биде инаугуриран на Боливар плаза, главниот плоштад во Богота.

Тој ќе ја даде заклетвата пред претседателот на Сенатот Рој Берерас пред околу 10.000 луѓе, вклучувајќи го шпанскиот крал Фелипе Шести, најмалку девет претседатели на Јужна Америка и обичните Колумбијци кои ги повика Петро.

Новата потпретседателка Франсија Маркез, активистка за заштита на животната средина и поранешна домаќинка, ќе биде првата Афроколумбијка на таа должност.

Петро, 62-годишен поранешен сенатор, кажа дека негов приоритет ќе биде борбата против гладот во земјата со 50 милиони жители, во која речиси половина од населението живее во некаква сиромаштија.

Петро вети бесплатно образование на јавните универзитети и промени во здравството. Состави голема широка конгресна коалиција на левичарски и центристички партии за да се прифати неговата платформа.

Ветувањата за пензиска реформа и прекинот на новите нафтени проекти предизвикаа нервоза кај инвеститорите и покрај именувањето на Хозе Антонио Окампа, долгогодишниот функционер, за министер за финансии.

Новиот претседател, поранешен градоначалник на Богота, вети и дека ќе ги оживее прекинатите мировни преговори со бунтовниците на Националната ослободителна војска (ЕЛН) и ќе го примени мировниот договор од 2016 на поранешните припадници на герилата ФАРК кои го одбиваат.

Неговиот министер за надворешни работи кажа дека владата ќе води дијалог со бандите и потенцијално на членовите ќе им даде намалени казни во замена за информации за трговијата со дрога.

Мечот на херојот на ослободувањето на Јужна Америка од колонизаторите, Симон Боливар, кој во 1974 година го украдоа поранешните соборци на Петро од М-19, ќе биде изложен на плоштадот во Богота.

„Сите мораме едни на други да си посакаме среќа“, порача Петро.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.