Полска од недела ќе забрани влез на патнички автомобили регистрирани во Русија, објави полската државна новинска агенција ПАП, цитирајќи го министерот за внатрешни работи Мариуш Камински.
„Оваа забрана на полската граница ќе се применува од утре и ќе стапи на сила вечерва на полноќ“, рече Камински на прес-конференција во саботата во Тереспол на границата со Белорусија, пренесе ПАП.
На камионите со руски регистарски таблички веќе им е забранет влезот во Полска.
„Ова е дополнителен елемент на санкциите наметнати на Русија и нејзините граѓани во врска со бруталната војна во Украина поради фактот што руската држава денес претставува закана за меѓународната безбедност“, рече Камински.
Западот воведе строги санкции кон Русија откако претседателот Владимир Путин започна целосна инвазија на Украина во 2022 година.
Камински рече дека одлуката е донесена откако на 8 септември беа објавени упатствата на Европската комисија за забрана на влез на автомобили регистрирани во Русија во ЕУ, пренесува ПАП.
Естонија, Литванија и Летонија во средата ги затворија своите граници за возила со руски регистрации.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.