Етиопија потврди дека стана петнаесеттата земја во светот чија армија во својот арсенал го има рускиот ловец од тешка категорија – двоседот Су-30, откако најмалку два вакви авиони се во земјата, пишува магзинот сперцијализиран за оружје и воена опрема „Милитари воч“.
Долго време се шпекулира какви борбени авиони ќе купи Етиопија за да ги замени своите стари ловци МиГ-23 купени во 1980-тите, а потенцијално дури и некои од нејзините Су-27 кои беа купени во доцните 1990-ти и веројатно се веќе во последната деценија служба.
Земјата беше потврдена како клиент за кинескиот лесен ловец Л-15 на почетокот на 2022 година, што покажува дека овие полесни авиони ќе ги заменат МиГ-23, додека авионите Су-30 ќе ги заменуваат Су-27, како дел од комбинацијата високо-ниско. На овие ловци, само најновата серија Су-30МКА на алжирските воздухопловни сили, испорачана во 2020 година, им е ривал за титулата најспособни на африканскиот континент – позиција која Етиопија претходно ја постигна пред три децении кога првпат ги набави Су-27 од Русија.
Етиопија претходно се сметаше за водечки клиент на францускиот ловец Рафал, но по повеќе неуспешни понуди во африканските држави, вклучувајќи ги Мароко, Алжир и Либија, локалните медиуми објавија дека Париз агресивно ги нуди за продажба ловците на официјална Адис Абеба. Изборот на Етиопија за Су-30 наместо Рафал, следи слична одлука објавена на 30 ноември 2023 година, од казахстанското Министерство за одбрана, кое го избра Су-30СМ. Тогашниот казахстански заменик-врховен командант на воздушната одбрана и шеф на главниот оддел за вооружување Јержан Нилдибаев изјави дека Су-30 има подобар сооднос „квалитет-цена“ во споредба со француските авиони.
Единствените други земји за кои се знае дека размислувале меѓу Рафал и Су-30 како конкуренти за купување, Алжир и Либија, и двете исто така го избраа Су-30, иако Либија беше под заеднички напад од повеќе членки на НАТО и либиската влада беше соборена пред набавката да биде финализирана.
Во меѓувреме, индиските воздухопловни сили, иако набавија 36 Рафали, не дадоа дополнителни нарачки и продолжија да ја прошируваат својата флота Су-30 на над 270 ловци. Су-30СМ купени од Етиопија и Казахстан, се тесно поврзани со Су-30МКА купени од Алжир и Су-30МКИ купени од Индија, при што сите три се произведени во воздухопловната фабрика во Иркутск и се сметаат за најспособни варијанти на овие авиони.
Способноста на Русија да испорача Су-30 многу побрзо отколку што може Франција да го испорача Рафал, често во рок од една година од потпишувањето на договорот, како и значајните заеднички карактеристики со веќе набавените Су-27 кои ќе ги намалат потребите за обука, се смета дека се други важни фактори кои веројатно влијаеле Етиопија да го фаворизира Су-30 во време кога итно и се потребни нови ловци. Фактот дека авионите Су-30 имале поинтензивни борбени тестирања на сите нивоа на интензитет, додека воените операции на Рафал се ограничени на мал број удари со низок интензитет над минимално бранети копнени цели, е уште еден фактор во корист на рускиот ловец.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.