Во Санта Фе, Ново Мексико, САД, почна судењето на Алек Болдвин за убиство од небрежност. Обвинителството тврди дека пред смртта на снимателката Халина Хачинс, холивудскиот глумец ги прескокнал безбедносните проверки и невнимателно ракувал со револверот.
Во октомври 2021 година, Болдвин се подготвувал за сцена со пиштолот на снимањето на филмот „’Рѓа“ на ранч кај Санта Фе. Мислејќи дека содржи лажни куршуми, тој пукал и ги ранил Хачинс и режисерот Џоел Соуза. Хачинс почина. На Болдвин му се заканува затворска казна до 18 месеци доколку биде прогласен за виновен. Тој се изјасни за невин, и тврди дека не е одговорен за вистинскиот куршум што бил ставен во пиштолот.
– Доказите ќе покажат дека обвинетиот Алек Болдвин туку-така зел вистински пиштол в рака, прекршувајќи ги кардиналните правила за безбедност и огнено оружје, изјави обвинителката Ерлинда Окампо Џонсон.
Адвокатот на одбраната, Алекс Спиро рече дека „овие кардинални правила не се кардинални правила на филмската сцена“.
– На филмски сет, безбедноста мора да е осигурана пред да се стави пиштолот во раката на глумецот, рече застапникот на Болдвин.
Првиот сведок кој сведочеше беше првиот полицаец кој пристигнал по пукањето. Видеото прикажано на суд од камерата на телото на Николас Лефлер, тогашен заменик-шерифот на Округот Санта Фе, ги покажува напори да се спаси Хачинс, која веќе е во несвест додека неколку луѓе се трудат да ѝ помогнат.
Филмот „’Рѓа“ е снимен и комплетиран. Сѐ уште не е одреден датумот на прикажување, според ИМДБ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.