Михаил Горбачов, последниот претседател на Советскиот Сојуз пред распадот, почина во Москва на 92-годишна возраст, објавија руските државни новински агенции. Горбачов, чие владеење се поврзува со термините перестројка и гласност (реформи и отвореност), почина по долго боледување.

„Михаил Сергеевич Горбачов почина вечерва по тешко и долго боледување“, соопшти Централната клиничка болница, пренесува РИА/Новости.

Во јуни, портпаролот на Фондацијата „Горбачов“, Владимир Полјаков, изјави дека Михаил Горбачов боледува од бубрежна болест и дека е на третман, вклучително и хемодијализа. Влошеното здравје на поранешниот претседател на СССР тој го поврза и со возраста.

Горбачов го водеше СССР од 1985 година до неговиот распад во 1991 година и беше генерален секретар на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз. Тој ќе остане запаметен како претседател на СССР кој ја заврши Студената војна без крвопролевање, но не успеа да го спречи распадот на Советскиот Сојуз.

Неговиот обид за реформи (перестројка) доведе до крајот на Студената војна, но исто така доведе до крај на врховната политичка моќ на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз (КПСС) и до распадот на Советскиот Сојуз.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.