Недостасуваат најмалку 50 метри на гасоводот под Балтичкото Море, објави шведскиот весник „Експресен“.

Шведска полиција и државното Обвинителство се сомневаат дека истекувањето на гас од гасоводот „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“ на 26 септември е последица на намерна експлозија и затоа го истражуваат случајот како чин на саботажа.

Видеото снимено со мало и далечински управувано возило или подводен дрон, што го објави „Експресен“, покажува свиткан метал и отворен гасовод на дното на Балтичкото Море.

Деловите на гасоводот имаат рамни и остри рабови, а други се деформирани, според видео материјалот направен на длабочина од околу 80 метри.

Видеото е снимено во понеделникот, наведува „Експресен“, додека агенцијата „Ројтерс“ додава оти не можела независно да потврди дали снимките навистина го прикажуваат гасоводот „Северен тек 1“.

Шведската морнарица и безбедносната полиција одбија да го коментираат пишувањето на „Експресен“, ниту, пак, крајбрежната стража била достапна за коментар, посочува „Ројтерс“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.