Министерот за надворешни работи Бујар Османи телефонски разговарал со генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Марија Шмид за актуелната ситуација во и околу Украина.
Kако што соопштија од МНР, во разговорот, шефот на дипломатијата изразил сериозна загриженост за влошената безбедносна состојба во источниот дел на Украина, која уследи по признавањето на независноста на регионите Луганск и Доњецк од страна на Русија. Воедно, Османи ја реафирмирал нашата поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и повика на доследно почитување на меѓународното право и неповредливоста на границите.
Министерот Османи како член на триото претседавачи, потенцираше дека Македонија активно ќе учествува во процесите за деескалација и изнаоѓање дипломатско решение преку суштествен дијалог меѓу инволвираните страни. Воедно, министерот изрази поддршка на Специјалната Мониторинг Мисија на ОБСЕ во Украина и ја истакна подготвеноста од наша страна за дополнителен ангажман во функција на намалување на тензиите – се наведува во соопштението.
На крајот од разговорот, соговорниците се согласиле дека дијалогот и дипломатските напори немаат алтернатива во смирување и деескалација на ситуацијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.