Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека на Европската унија и е потребна нова стратегија околу војната во Украина, бидејќи санкциите против Москва немаат ефект.
Потребна е нова стратегија што треба да се фокусира на мировните преговори и како да се дојде до добар мировен предлог…место до тоа како да се добие војната – рече Орбан во говор во Романија.
Орбан, кој неодамна по четврти пат беше реизбран за премиер, повтори дека Унгарија нема да се меша во војната во соседна Украина.
Тој претходно кажа дека Унгарија, исто така, не е подготвена да поддржи ембарго на ЕУ или ограничувања за увозот на руски гас, бидејќи тоа ќе ја поткопа економијата на земјата.
Во својот денешен говор пред своите поддржувачи во Романија Орбан нагласи дека западната стратегија е изградена врз четири столба: дека Украина може да победи во војната против Русија со оружјето на НАТО, дека санкциите ќе ја ослабнат Русија и ќе го дестабилизираат нејзиното раководство, дека санкциите ќе и наштетат на Русија повеќе отколку на Европа и дека светот ќе се организира во знак на поддршка за Европа.
Тој, меѓутоа, денеска изјави дека оваа стратегија е неуспешна, бидејќи владите во Европа се уриваат „како домино“, цените на енергијата пораснаа и сега е потребна нова стратегија.
Седиме во автомобил со дупнати четири гуми: апсолутно е јасно дека војната не може да се добие на овој начин – пластично објасни Орбан пред своите поддржувачи во Романија.
Украина, додаде унгарскиот премиер, никогаш нема да ја добие војната на овој начин, затоа што „едноставно руската армија има асиметрична доминација“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.