Пандемијата на коронавирусот минатата година доведе уште 77 милиони луѓе до екстремна сиромаштија и многу држави во светот до неможност економски да се опорават од трошоците за отплата на долговите, состојба регистрирана и пред почетокот на војната во Украина, соопштија Обединетите нации.

Во извештајот на Светската организација се наведува дека богатите земји би можеле да им помогнат на најсиромашните да закрепнат, преку заеми со минимални каматни стапки.

Сепак, најсиромашните земји потрошија милијарди евра за сервисирање на долговите и се соочија со многу повисоки трошоци при задолжување, па затоа не можат да инвестираат во образованието, здравството, животната средина и намалувањето на нееднаквоста.

Според Обединетите нации, во 2019 година 812 милиони луѓе во светот живееле во екстремна сиромаштија, а до 2021 година поради пандемијата тој број се зголемил на 889 милиони.

Извештајот претставува финансиски план за постигнување на развојните цели на ОН до 2030 година, меѓу кои ставање крај на сиромаштијата, обезбедување квалитетно образование за сите млади луѓе и постигнување родова еднаквост.

Заменик-генералниот секретар на ОН, Амина Мохамед, рече дека планот доаѓа во време на растечки еколошки и климатски кризи, долготрајна пандемија на коронавирусот и глобално влијание на војната во Украина.

Анализата на ОН покажува уште дека 1,7 милијарди луѓе се соочуваат со зголемени трошоци за храна, енергија и ѓубрива како резултат на војната во Украина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.