Околу 100.000 Палестинци во изминатите неколку дена пристигнале во Рафа, на крајниот југ на Газа, кон гранциата со Египет, бегајќи од бомбардирањето на централниот дел на таа територија, соопштија Обединетите Нации (ОН).

Од ОН додаваат дека околу 85 отсто од населението на Газа е раселено поради израелските бомбардирања и копнени офанзиви. Поради тоа, голем број луѓе бараат засолниште во зоните што Израел ги одреди како безбедни, но кои и покрај тоа ги бомбардира.

Луѓето пристигнале во Рафа со камиони, автомобили и пеш. Оние кои не можеле да најдат место во и онака преполните засолништа, подигнале шатори покрај патиштата.

Луѓето го користат секој празен простор за да градат засолништа. Некои спијат во своите автомобили, а некои на отворено“, изјави Џулиет Тума, директорка за односи со јавност на Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА).

Израелската офанзива сега е фокусирана на бегалските кампови Буреиџ, Нусејрат и Магази во центарот на Газа, каде што израелските воени авиони и артилерија уништија голем број згради. Борбите продолжуваат на север, а на удар е и Кан Јунис на југ, каде Израел верува дека се кријат лидерите на Хамас.

Според Министерството за здравство на Хамас во Газа, од почетокот на војната се убиени 21.300 Палестинци.

Истовремено, Агенцијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања (УНОЦХА) соопшти дека оваа година е најсмртоносната за Палестинците на Западниот Брег откако Агенцијата почна да ги брои жртвите во 2005 година.

Годинава, 504 Палестинци беа убиени на Западниот Брег, што ја прави 2023 година најсмртоносната година за Палестинците на Западниот Брег откако УНОЦХА почна да ги брои жртвите во 2005 година, соопштија од Агенцијата.

Според овие податоци, само од 7 октомври досега на Западниот Брег се убиени 304 Палестинци, меѓу кои 79 деца.

Оваа бројка претставува близу 60 отсто од сите Палестинци убиени на Западниот Брег во 2023 година. Бројот на операции и воени акции на таа територија е значително зголемен, сега речиси секој ден станува се побрутално. Исто така, има значително зголемување на насилството од доселениците, вклучително и употребата на огнено оружје, додаваат од Агенцијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.