Одбивањето на Русија да соработува во рамките на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) ги принудува нејзините преостанати членки да го прилагодат својот начин на работа, пишува „Еурактив.“

Кога Русија крева барикади, веќе нема обиди за придржување до правилата за процедура кои беа формулирани кога работевме како организација заснована на консензус“, вели американскиот амбасадор во ОБСЕ, Мајкл Карпентер.

Во изминатите неколку месеци, Москва го попречуваше одобрувањето на буџетот на ОБСЕ, загрозувајќи ги активностите што 57-членото безбедносно тело ги води низ целиот свет.

Основана за време на Студената војна, ОБСЕ служи како единствена европска безбедносна платформа која ги обединува Европејците, Русија и САД и главно е вклучена во спречување конфликти, мониторинг на мирот и набљудување на изборите.

Претседателот на руската Дума, Вјачеслав Володин, ја најави во април одлуката на Русија да го суспендира плаќањето на придонесите за 2023 година и со надоместот што го плати во 2022 година да ја префати и оваа година.

Не треба да плаќаме за она во што не сме учествувале. Ако дополнително бидеме спречени да работиме годинава, ќе бараме да ни биде вратен придонесот што претходно го плативме – рече Володин во таа пригода.

Според Карпентер, во овој момент е јасно дека Русија нема интерес да ги почитува, не само деловните правила, туку и ни основните принципи на кои ОБСЕ работи, па затоа организацијата ќе ја заобиколи.

Сите одлуки во ОБСЕ се усвојуваат со консензус, што ѝ овозможува на Москва да блокира која било одлука што е против нејзините интереси. За да се избегне руското вето, организацијата со креативни решенија го избегнува опструкционизмот на Русија.

Откако Москва стави вето на продолжувањето на теренските мисии на ОБСЕ во Украина уште пред војната, „воспоставивме Програма за поддршка на Украина која се финансира преку доброволни придонеси и на која Русија не може да стави вето – објаснува Карпентер.

Планот е да се работи на хуманитарно деминирање, обезбедување психосоцијална поддршка, ублажување на влијанијата на војната врз животната средина и градење капацитет за одговорност. Но, буџетското прашање на ОБСЕ е само една од пречките што Русија ги става пред организацијата.

Реалноста е дека Русија ја напаѓа ОБСЕ, истакна Карпентер, и ја обвини Москва дека киднапирала тројца национални претставници на ОБСЕ кои работеле на специјалната мисија за мониторинг, украла возила на ОБСЕ и ги прекршила сите принципи на Хелсиншкиот договор.

Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба повика на суспензија на Русија од организацијата, како одговор на војната, но неговото барање остана неодговорено.

Генералниот секретар на организацијата, Хелга Шмид, истакна дека каналите за дискусија мора да останат отворени меѓу страните.

Еден ден, повторно ќе ни требаат средства за разговор. А ОБСЕ е единствената безбедносна организација во која на една маса седат сите фактори за европската безбедносна архитектура – рече таа.

По инвазијата на Украина во февруари, Москва беше избркана или суспендирана од низа меѓународни организации и форуми, како што се Советот на Европа, Советот за човекови права на ОН, Работната група за финансиска акција против перење пари и од Изборот за песна на Евровизија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.