Украинската нуклеарна централа Запорожје е исклучена од редовно снабдување со електрична енергија во ден кога има голем бран руски ракетни напади низ целата земја, соопштија операторите.

Постројката што е под контрола на Русија во јужниот град Енерходар сега се напојува со дизел генератори за итни случаи, соопшти утрово украинскиот нуклеарен оператор Енергоатом на Телеграм, додавајќи дека снабдувањето со гориво може да трае 10 дена.

Според операторот, ова е шести пат откако Русија ја нападна Украина пред повеќе од една година, нуклеарната централа да мора да работи во вонреден режим.

Во објава на Фејсбук, украинскиот министер за енергетика Герман Галушченко нагласи дека се работи за „варварски, масовен“ руски напад. Неколку украински градови пријавија ракетни напади насочени против енергетската инфраструктура уште од раните утрински часови, вклучително и главниот град Киев, како и во регионите Одеса и Харков.

Портпаролот на Росенергоатом, рускиот нуклеарен оператор, потврди дека централата во Запорожје е исклучена од редовната електрична мрежа и ја обвини Украина дека го прекинала снабдувањето без очигледна причина, пренесе ДПА повикувајќи се на руската новинска агенција Интерфакс.

Нуклеарната централа Запорожје, најголемата во Европа, е под руска контрола речиси една година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.