Цените на нафтата продолжуваат да растат откако забраната на САД за увоз на руска енергија и планот на Велика Британија постепено да го укине тој увоз од Русија до крајот на годината, ја зголемија загриженоста дека глобалната понуда ќе биде значително помала.
Европската нафта Брент за испорака во следните месеци (фјучерс договори) поскапе за 2,17 долари или 1,7 отсто, на 130,15 долари за барел на вечерашното тргување во Азија, по скок од 3,9 отсто претходниот ден, пренесува Ројтерс.
Американската сурова нафта WTI зајакна за 1,57 долари, или 1,3 отсто, на 125,27 долари за барел, продолжувајќи го својот раст од вторникот кога порасна за 3,6 отсто.
Вчера американскиот претседател Џо Бајден воведе итна забрана за увоз на руска нафта и други енергетски извори, а Британија најави дека постепено ќе го укине увозот на „црното злато“ од Русија до крајот на 2022 година.
Цените на нафтата се зголемија за повеќе од 30 отсто откако Русија, вториот по големина светски извозник на тие суровини, почна воена акција во Украина. Стравот од натамошни прекини во снабдувањето со нафта поради ескалацијата на санкциите против Москва ги поттикна купувањата, велат аналитичарите.
Сепак, тие оценуваат дека наскоро ќе се забавaт шпекулативните набавки, бидејќи земјите од северната хемисфера влегуваат во пролет кога се намалува побарувачката на гориво.
Цените на нафтата се искачија на највисокото ниво од јули 2008 година во понеделникот, при што Брент достигна 139,13 долари за барел, а WTI достигна 130,50 долари.
Иранската сурова нафта има мали шанси да се врати на глобалниот пазар во блиска иднина, бидејќи преговорите за иранската нуклеарна програма меѓу Техеран и светските сили се забавени.
Аналитичарите на консултантската фирма Ристад Енерџи со седиште во Осло процениле вчера дека светските цени на нафтата би можеле да пораснат до 200 долари за барел доколку Европа и САД го забранат увозот на руска нафта.
Цените на вивнатата нафта, кои се на највисоко ниво во последните 14 години, би можеле да влијаат на падот на побарувачката на гориво, бидејќи потрошувачите реагираат на повисоките цени на горивата на бензинските пумпи и високите сметки за струја со намалување на потрошувачката и патувањето, предупредија во понеделник врвни енергетски експерти.
Залихите на сурова нафта во САД пораснаа за 2,8 милиони барели во неделата што заврши на 4 март, додека залихите на бензин и дестилати паднаа, според пазарни извори кои се повикуваат на податоци од Американскиот институт за нафта.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.