Премиерот Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел не отстапува од намерата да постигне мировни договори со повеќе арапски земји, но дури кога ќе завршат војните со проиранските групи Хамас во Газа и Хезболах во Либан.

– Деновиве работиме на планови за стабилизирање на овие два фронта. Но, денот потоа, кога Хамас повеќе нема да ја контролира Газа и Хезболах повеќе нема да седи на нашата северна граница, вклучува нешто од врвна важност. Настојувам да го продолжиме процесот што го водев пред неколку години за потпишувањето за историските Абрахамови спогодби и да постигнеме мир со уште повеќе арапски земји – изјави Нетанјаху, обраќајќи се пред пратениците во Кнесетот.

Нетанјаху во 2020 година ги потпиша договорите за воспоставување дипломатски односи со четири арапски земји – Обединетите Арапски Емирати, Бахреин, Мароко и Судан. Вашингтон, кој посредуваше во мировните преговори, работеше на план за мировен договор помеѓу Израел и Саудиска Арабија.

Според рамките на планот, Саудиска Арабија би добила безбедносни гаранции од САД и технолошка поддршка за развој на нуклеарна програма за цивилни цели. Во знак на добра волја во септември 2023 година израелскиот министер за туризам Хаим Кац учествуваше на конференција во Саудиска Арабија, а веќе следната недела министерот за комуникации Шломо Кархи одржа говор во арапското кралство. Тие беа првите израелски министри што ја посетиле Саудиска Арабија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.