Во Словачка ќе бидат распоредени околу 1.200 странски војници од другите земји членки на НАТО како одговор на руската инвазија врз Украина, соопшти денеска словачкото Министерство за одбрана.

Планот е дел од иницијативата на НАТО да се осигури дека земјите членки од источното крило на Алијансата се дополнително заштитени со испраќањето дополнителни сили за нивна заштита.

Словачка се граничи со Украина и од завчера во неа почнаа да пристигнуваат првите неколку илјади бегалци од војната кај соседната земја .

Словачкиот министер за одбрана, Јарослав Над, изјави дека очекува пристигнување на сили од Холандија и Германија. Германија ќе обезбеди и систем за зајакнување на словачката воздушна одбрана. Планот сè уште не е официјално одобрен.

Министерот Над додаде дека словачката Влада одобрила испраќање оружје и гориво во Украина во вредност од 11 милиони евра.

За прв пат во историјата на Алијансата синоќа се донесе одлука за употреба и преместување на силите за брз одговор на НАТО. Таквата акција немаше за време на Студената војна. Оваа оперативна група вклучува 40.000 војници, во која се и 13.700 од германската армија. Копнените сили ќе бидат стационирани западно од Украина, во Романија. Италија испраќа четири борбени авиони, како и Норвешка.

Поранешниот бугарски министер за одбрана, Георги Панајотов, за Нова ТВ коментираше дека НАТО не се подготвува никого да нападне, туку Бугарија и нејзините сојузници се подготвуваат да се одбранат.

НАТО не се подготвува никому да објави војна, додаде тој.

Во Бугарија во моментов има четири борбени авиони од Шпанија, но доколку ситуацијата се развие во негативен правец, во земјата може да дојдат и други сојузнички сили на НАТО, беше категоричен тој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.