Американските генерали беа домаќини на украинските воени претставници оваа недела за заедно да спроведат воени вежби на голема воена маса и да му помогнат на Киев да го отвори патот низ следната фаза од битката за ослободување на својата територија. Украинските генерали за време на вежбите поминуваа низ сценарија со американските генерали и ги одмеруваа последиците од можните стратешки одлуки од идната офанзива.

Украинските функционери, пишува Њујорк тајмс, на крајот ќе одлучат во која насока да се движат, но најдобрите американски генерали вежбале со нив и симулирале потенцијални непријателски реакции. Се чини дека Американците се задоволни од борбените инстинкти на Украинците.

Генералот Кристофер Г. Чаволи, врховен командант на сојузничките сили во Европа, ги пофали воените лидери на Украина како феноменални кога станува збор за приспособливоста. „Ќе им помогнеме да го развијат тој квалитет уште повеќе“, рече Чаволи и додаде: – САД и НАТО можат да продолжат се додека е потребно.

Со воени вежби на самиот врв, Украина се подготвува за претстојниот крај на зимата и за нови големи операции. Генералот Марк А. Мили, претседател на Здружениот штаб на американската армија, учествуваше на вежбите во четвртокот.

Тој опиша како присутните вежбале покрај голема маса со мапи, обележја и други воени реквизити. Мили, се разбира, одби да открие важни детали за вежбите. Сепак, неименувани извори им откриле на медиумите дека би можеле да тргнат во насока на офанзива на североисток и исток, вклучувајќи ги Доњецк и Луганск. Исто така, во офанзивата на југот на земјата, кон копнената врска меѓу Крим и Русија.

Се верува дека би можело да биде реално Украинците да го пресечат тој копнен мост. Мили откри дека приоритет во моментов е противвоздушната одбрана, способноста да се брани воздушниот простор над Украина. Досега во војната Русија не навлезе премногу длабоко во украинскиот воздушен простор со своите борбени авиони. Со поддршка на САД, Украина успеа да ги задржи непријателските авиони надвор од своето небо со противвоздушни системи.

Генерал Даниел Р. Хокансон, началник на штабот на Националната гарда, го посети Графенвер, еден од центрите за обука на украинските војници во Германија. Тој помина време таму во кампот Херсон, додека силите беа обучени. Тој не ги соопшти деталите за воените вежби таму, но „Њујорк Тајмс“ пишува дека од јануари Пентагон ја проширил обуката. Во почетокот, обуката беше поврзана со оружје како хаубици што Америка им ги снабдуваше на Украинците.

Сега тоа е петнеделна програма чија цел е да научи како да се движи и како да ги координира четите и баталјоните на терен, да ја синхронизира употребата на артилерија, оклоп и пешадија. Американските инструктори обучија повеќе од 1.000 украински војници од јануари. Со тоа бројот на обучени украински борци од почетокот на војната достигна четири илјади.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.