Цените на нафтата продолжија да паѓаат денеска, откако расположението на инвеститорите ја намали мрачната перспектива за побарувачката на гориво и податоците кои укажуваат на пад на глобалното производство, пред состанокот на главните производители на сурова нафта оваа недела, на кој треба да се одлучи дали да се зголеми понудата.

Фјучерсите на европската сурова нафта „брент“ паднаа за 24 центи, или 0,2 отсто, на 99,82 долари за барел во денешното тргување до 6:34 часот по Гринич, додека американската сурова нафта WTI се лизна за 10 центи, или 0,1 отсто, на 93,78 долари за барел, пренесува Ројтерс.

Цената на Брент синоќа се затвори на 99,09 долари за барел, најниско ниво од 15 јули, а американската сурова нафта вчерашното тргување го заврши на 92,42 долари за барел, исто така на најниско ниво од 14 јули.

„Цените на суровата нафта паднаа откако голем број податоци за фабричките активности сугерираа дека светот е на пат за голем економски пад и очекувањата за повисоко производство на нафта по многу добра сезона за заработка за нафтените компании“, напиша во белешка до клиентите.Едвард Моја, виш пазарен аналитичар во брокерската куќа „Оанда“.

Загриженоста за рецесија се интензивираше во понеделникот, бидејќи истражувањата од Соединетите Американски Држави, Европа и Азија покажаа дека фабричката активност изгубила динамика во јули. Намалувањето на глобалната побарувачка и строгите мерки на Кина за ограничување на Ковид го забавија производството.

За падот на цените на „црното злато“ придонесе и воздржаната активност на пазарните играчи кои го чекаат исходот од утрешната средба на претставниците на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нивните сојузници, вклучително и Русија, т.е. групацијата позната како OПЕК+, на која ќе биде донесена одлуката за производството во септември.

Два од осумте извори на групата ОПЕК + во анкетата на Ројтерс рекоа дека на состанокот ќе се разговара за скромно зголемување на транспортот во септември, додека останатите рекоа дека производството најверојатно ќе остане непроменето. Според „Fox Business News“, Саудиска Арабија ќе предложи ОПЕК + да го зголеми производството.

Во меѓувреме, САД во понеделникот воведоа санкции за кинеските и другите компании за кои велат дека помогнале во продажба на иранска нафта и петрохемикалии во вредност од десетици милиони долари во Источна Азија, продолжувајќи со зголемување на притисокот врз Техеран да ја заузда својата нуклеарна програма.

На мрачното пазарно расположение влијаеше и потенцијалната посета на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, на Тајван, и покрај предупредувањата од Пекинг да не го прави тоа. Тоа би била прва посета на висок американски функционер на тој остров по повеќе од 25 години, што може да предизвика ескалација на тензиите меѓу САД и Кина, наведува британската агенција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.