Кинеската Национална здравствена комисија (НХЦ) oд денеска престанува да објавува дневни податоци за Ковид-19, чија веродостојност беше доведена во прашање откако бројот на случаи на инфекција нагло се зголеми поради олабавување на строгите епидемиолошки мерки.

Важни информации за Ковид-19 ќе бидат објавени од Кинескиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) заради референци и истражување, соопшти комисијата, но не ги наведе причините за промената или колку често ЦДЦ ќе објавува податоците.

Одлуката на НХЦ да престане да евидентира случаи на заразени и смртни случаи доаѓа во време кога расте загриженоста поради недостигот на клучни информации откако Пекинг во голема мера ја промени својата политика на нулта толеранција за коронавирусот.

Четири последователни дена, и покрај рекордниот пораст на случаите, комисијата не забележа ниту еден смртен случај од Ковид-19 низ целата земја пред целосно да престане да објавува податоци. Кина ја смени дефиницијата за смртни случаи од Ковид-19, регистрирајќи ги само оние кои починале од пневмонија или респираторна инсуфициенција, што предизвика неодобрување кај глобалните здравствени експерти.

Ерфинити (Airfinity), компанија за здравствени податоци со седиште во Велика Британија, минатата недела процени дека Кина се соочува со повеќе од милион случаи на инфекција и 5.000 смртни случаи секој ден.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.