Суперјахтите во сопственост на руски милијардери поврзани со претседателот Владимир Путин се во движење додека САД и нивните сојузници подготвуваат дополнителни санкции за нивниот имот по инвазијата на Украина.
Податоците од Марин трафик прегледани од Си-ен-би-си покажуваат дека најмалку четири суперјахти во сопственост на руски бизнис-лидери се движат кон Црна Гора и Малдивите откако во последните денови беа објавени широк спектар санкции.
Вагит Алекперов, претседателот на руски Лукоил, со својата јахта плови кон Црна Гора, соопшти Марин трафик. Се очекува да стигне од Барселона во наредните денови.
Јахтата на Алекперов е позната како „Галактика супернова I“, според страницата Суперјахт фан, која ги следи овие типови пловила, има „базен со стаклено дно од шест метри и водопад. Има и хелиодром, лифт и голем клуб“.
Според Форбс, Алекперов има нето-богатство од нешто помалку од 25 милијарди долари.
Црна Гора е членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ и најави дека ќе се приклучи на санкциите на ЕУ против Русија.
Најмалку три јахти на руски милијардери се приближуваат кон Малдивите.
Оваа островска држава со години е жариште на туристи од Русија, а министерот за туризам на Малдиви изјави дека руската инвазија ќе има големо влијание врз нејзиниот туристички сектор.
Јахтата на милијардерот Олег Дерипаска, позната како „Клио“, ја напушти Шри Ланка пред речиси две недели и се очекува наскоро да пристигне на Малдивите, соопшти Марин трафик.
САД во 2018 година ги санкционираа Дерипаска и компаниите поврзани со него. Тој беше еден од неколкуте милијардери со седиште во Русија што се спротивставија на конфликтот во Украина.
„Мирот е приоритет. Преговорите мора да почнат што е можно поскоро“, напиша на Твитер Дерипаска, кој има проценета нето-вредност од околу 4 милијарди долари.
Малдивите немаат договор за екстрадиција со САД.
Според Си-ен-би-си, имотот на погодените руски раководители најверојатно ќе добие нов удар, бидејќи администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден неодамна најави создавање работна група што ќе се занимава со нивните профитабилни средства, вклучувајќи јахти и вили.
Франција составува список на имоти во сопственост на руски олигарси, вклучувајќи автомобили и јахти, кои би можеле да бидат запленети под санкциите на Европската Унија.
„Оваа недела ќе почнеме мултилатерална трансатлантска работна група за да ги идентификуваме, пронајдеме и замрзнеме имотите на санкционираните руски компании и олигарси – нивните јахти, нивните вили и сите други незаконски профити што можеме да ги најдеме и да ги замрзнеме“, соопшти неодамна Белата куќа.
Некои од најбогатите во Русија сега ги преместуваат своите јахти и бродови на други локации, надевајќи се дека ќе избегнат нивно одземање.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.