Казахстан е земја во Централна Азија каде се вкрстуваат Западот и Истокот, со најбрз економски развој во регионот. Оваа држава, најголема во светот без излез на море и деветта според својата површина, има население од околу 20 милиони жители, а својот брз растеж го должи на експлоатацијата на нафта и гас која почнува по распадот на Советскиот сојуз и стекнувањето на независноста во 1991 година. Но, динамичниот развој и модернизација на земјата оди заедно со силната посветеност за зачувување и негување на нејзиниот културен идентитет вкоренет во богатата повеќевековна номадска традиција, обичаи и вредности.
Иако, на прв поглед, се чини далеку од Европа, со последните геополитички и геостратешки поместувања, (војната во Украина) и поместувањето на фокусот на глобалните движења кон Азија, Казахстан се повеќе се профилира како значаен меѓународен играч и како важен партнер за ЕУ. Со својата долга традиција на соработка и дијалог како дел од Патот на свилата, денес е на траекторијата на кинеската развојна иницијатива „Пат и појас“ која има силно влијание врз регионалната економија.
Астана покажа интерес и за зајакнување на врските со земјите од европскиот континент, како и со регионот на Западен Балкан, преку отворањето на амбасади во регионот во последните две децении. Неодамна, годинава, беа отворени амбасадите на Казахстан во Скопје, Албанија, Словенија и Генералниот конзулат во Црна Гора.
Во Казахстан денеска се одржува референдум за изградба на нуклеарна централа, на кој граѓаните на земјата ќе го кажат својот став за оваа важна одлука за државата. За неговото одржување државата ќе издвои 33 милиони долари.
Присуството на 5. Светски номадски игри – своевидна олимпијада на номадските спортови, што се одржаа во главниот град Астана од 8 до 13 септември, беше можност одблизу да се согледаат неверојатниот раст и развојот на земјата, но и да се слушне за плановите во кој правец ќе се движи, кои се економските приоритети и надворешно-политичките релации и предизвици.
Светските номадски игри како домаќин ги отвори претседателот на Казахстан, Касим – Жомарт Токаев на спектакуларна свеченост одржана на стадионот Астана Арена. Во присуство на шефови на држави и високи претставници од регионот, како и од повеќе меѓународни и регионални организации, тој укажа на важноста на оваа меѓународна манифестација и потсети на придонесот на номадската цивилизација во светската историја.
Номадите од Големата степа ја населувале Евроазија уште од античко време. Со иновативни технологии за своето време, тие придонесоа за глобален напредок. Пред пет илјади години, номадите го припитомиле коњот и формирале култура на јавачи која се проширила низ целиот свет. Степските занаетчии правеле напредно оружје и прекрасен накит. Живописен доказ за тоа е пронајдениот „златен човек“ од периодот Сака. Казахстан му даде на светот извонредни личности како Ал Фараби и Хоџа Ахмед Јасави, кои дадоа значаен придонес во развојот на науката и хуманистичките идеи. Нашите предци создадоа силни држави и подигнаа средновековни градови во Големата Степа кои беа импресивни по својата големина и убавина, вклучувајќи ги Отрар, Туркестан, Тараз и Сараишик. Работејќи како мост меѓу Западот и Истокот, номадите придонеле за зближување на различни култури. Хунските империи и турските каганати, Златната орда и Казахстанскиот хан цветаа во овие огромни области во различни времиња, рече Токаев.
Тој нагласи дека Номадските игри, кои прв пат се одржаа пред 10 години, во организација на Киргистан, се посебен проект чија цел е да се заштити бесценетото наследство на номадската култура за да се пренесе на идните генерации.
Ова е најголемото спортско натпреварување од ваков вид во светот, така да се каже, Олимпијада на номадите. Овие игри ја промовираат номадска цивилизација на глобално ниво. Самиот спорт е симбол на почит и солидарност. Неговата клучна цел е да го зајакне пријателството меѓу народите. Казахстан на сите им е познат како земја на мирот и соживотот. Навистина, тука мирно коегзистираат разни етнички и религиозни групи. Имаме воспоставено блиски врски и со соседните и со далечните земји. Сакаме да видиме и други држави да живеат во хармонија една со друга. Уверен сум дека Номадските игри ќе помогнат да се поттикне меѓународната солидарност, порача Токаев.
Игрите имаат и културна и научна димензија. Во Етно селото изградено од традиционалните номадски шатори – јурти, наречено „Универзумот на номадите“ се одржуваа дневни културни програми – концерти, саем за занаетчиство, изложби. Беа претставени различни региони на Казахстан, а свои јурти основаа и УНЕСКО и УНИЦЕФ. Ова бесценето културно богатство на номадските земји заслужува и ќе биде презентирано во посебна сторија.
Реформи, развој и предизвици
Казахстан е Република со претседателски систем на владеење. Од населението 70,4 проценти се Казаци, 15,5 проценти Руси, а имаат 130 етнички малцинства. Официјален јазик е казашкиот кој е дел од туркиската група на јазици, а во службена употреба е и рускиот јазик.Од стекнувањето независност од Советскиот Сојуз во 1991 година, земјата ја одбележува политичка стабилност и мошне динамичен економски развој и модернизација. До 2019 година речиси три децении со земјата раководеше Нурсултан Назарбаев кој се смета за татко на нацијата. По него раководството го презема Касим-Жомарт Токаев, кој како шеф на државата иницира реформи насочени кон зајакнување на политичкиот плурализам и решавање на социјалните прашања.
На почетокот од септември, претседателот Токаев во своето годишно обраќање за состојбата на нацијата насловено „Праведен Казахстан: Закон и ред, економски раст, оптимизам на јавноста“ ќе ги истакне клучните цели за развојот на нацијата, фокусирајќи се на одржливиот социо-економски напредок.
Тој ќе се осврне и на претстојниот сенароден референдум што ќе се одржи денеска, на 6 октомври за изградба на нуклеарна централа, посочувајќи го како „уште една манифестација на широк национален дијалог и жив пример за имплементација на концептот на „држава што слуша“ клучни државни одлуки.
Токаев повикува и на континуиран развој на индустрискиот потенцијал на Казахстан, со фокус на големите проекти во петрохемиската индустрија и снабдувањето со гас. Развојот на инфраструктурата, особено во енергетскиот и транспортниот сектор, е идентификуван како клучен приоритет.
Локацијата на Казахстан во срцето на Евроазија е наша конкурентска предност. Инвестициите што ги правиме во транспортната инфраструктура секако ќе се исплатат, нагласи тој истакнувајќи ја важноста од модернизацијата на енергетскиот и комуналниот сектор, подобрувањето на состојбата на автопатиштата и развојот на воздушните центри.
Дигитализацијата е уште една централна тема, со планови за интегрирање на вештачката интелигенција во платформата за е-влада и формирање Национален центар за вештачка интелигенција во Астана, следната година.
Казахстан треба да стане земја каде што вештачката интелигенција широко се користи и дигиталните технологии се развиваат, рече тој, укажувајќи дека оптичката линија преку Каспиското Море треба да биде завршена до 2025 година.
Во надворешната политика, претседателот Токаев ја потврди посветеноста на Казахстан за мирен и избалансиран пристап, нагласувајќи дека „Казахстан убедливо ја покажува својата посветеност на широка мултилатерална соработка во целосна согласност со Повелбата на ОН“.
На средбата со дел од новинарите акредитирани за следење на 5. Светски номадски игри, заменик министерот за надворешни работи Роман Василенко се осврна повеќе за релациите на Казахстан со соседите, регионот и пошироко и огромните економски потенцијали на земјата.
Заедно со нашите соседи во Централна Азија и пошироко, како и со партнерите како ЕУ, Казахстан ја користи својата географска локација и гео-економскиот потенцијал за да ги подобри копнените врски меѓу Азија и Европа. Нашата нација нуди можности за критични суровини, вклучувајќи огромни резерви на есенцијални минерали како бакар, цинк, олово, сребро и алуминиум. Ние сме најголемиот светски производител и извозник на природен ураниум, со речиси 45% од глобалното производство и извоз. Овие ресурси се клучни за секторите како енергетската транзиција и електричните возила, позиционирајќи го Казахстан во првите редови на индустриите кои ја обликуваат иднината на одржливата глобална економија, вели Василенко.
Како најголема економија во регионот на Централна Азија, посочува тој, посветена на олеснување на трговијата и инвестициите од корист на сите страни, Казахстан останува сигурен партнер за глобален раст и развој. Меѓународниот финансиски центар Астана (AIFC) ја игра клучната улога во воспоставувањето на Казахстан како регионален бизнис центар. Од 2018 година, повеќе од 12 милијарди долари инвестиции се собрани преку платформата AIFC. Тој оценува дека овие импресивни достигнувања го одразуваат смелиот пристап на Казахстан за создавање конкурентна, фелксибилна економија и атрактивна средина за привлекување инвестиции.
Од 1993 година, Казахстан привлекува вкупно 441 милијарди долари странски директни инвестиции (СДИ). Најголемите 10 инвеститори во земјата од 2005 година се Холандија, САД, Швајцарија, Кина, Русија, Франција, Велика Британија, Белгија, Република Кореја и Јапонија. Во 2023 година, бруто приливот на СДИ во Казахстан изнесува 23,4 милијарди долари, а во првиот квартал од 2024 година – 5,7 милијарди долари.
ЕУ во Казахстан и земјите од регионот ќе вложи 10 милијарди долари во проекти за јакнење на конективноста со централна Азија.
Неодамна, ЕУ и Казахстан лансираа нова платформа за координација за транс-касписката рута која има за цел да ја подобри безбедноста и еластичноста на овој коридор. Прашан за функционирањето на оваа платформа и што прави Астана за да го зголеми капацитетот на транскаспискиот коридор, Василенко нагласува дека за Казахстан како континентална земја и најголемата во свет која не излегува на море, сите иницијативи кои помагаат да се надмине овој недостаток или да се претвори истиот во предност се важни и добредојдени и тие ги антиципираат сите нив.
Од 2022 година Западот повторно ја откри Централна Азија, важноста на регионот и на Казахстан како извор на традиционални енергетски ресурси, но и како извор на нетрадиционални енергетски ресурси како што е зелениот водород (green hidrogen) и на критички суровини, нешто што Западот го прави како што е зелената транзиција и дигиталната транзиција. Брисел навистина ја забрза и ја зајакна работата со нас развивајќи ја оваа рута во веродостојна и потребна алтернатива која ја поврзува Централна Азија со Европа, а со тоа и Кина преку Централна Азија со Европа, бидејќи 85 проценти од јагленот на копно кој се транспортира во Европа и во Кина поминува преку Казахстан, па со овие рути транспортот ќе стане побрз, поевтин и поефикасен, појаснува Василенко.
ЕУ ја унапредува оваа глобална порта – иницијатива под која е воспоставена платформата за координација во Астана во јуни, која обединува пет централно – азиски земји, три земји од јужен Кавказ, ЕУ, Турција, ОК и САД со цел да се работи на координиран начин на унапредување на оваа, како што вели, заедничка визија претворајќи ја транс-касписката меѓународна транспортна рута (Trans-Caspian International Transport Route – TITR), позната и како среден коридор во остварлива опција.
Како дополнение на овие напори, додава тој, Казахстан заедно со Азербејџан, Грузија и Турција, ги координираат нивните напори како четири базични држави во овој среден коридор. Она што е направено по неколку состаноци на министерствата за транспорт и за надворешни работи резултирало со потпишување на роадмап (патоказ) за развој на овој коридор до 2027 година. Заедничките напори вклучуваат меѓу другото и заеднички вложувања меѓу трите државни железници на Казахстан, Азербејџан и Грузија, во компанија чија главна цел е да нуди услуги на бродски компании за поуспешен транспорт на стоките.
Како резултат на овие разновидни напори кои имаат иста цел, транспортот на средниот коридор е зголемен експоненцијално за последните 2-3 години. Ако во 2011 година транспортот на нафта низ средниот коридор изнесувал 860.000 тони, во 2022 тој бил 1,7 милиони тони, а во 2023 година 2,7 милиони тони, што значи дека пораснал за три пати, но, овој раст не запира тука, бидејќи само во првите шест месеци од 2024 година изнесува 2,6 милиони тони и се очекува до крајот на годината да достигне 4,2 милиони тони нафта што ќе бидат транспортирани преку коридорот. Нашата крајна цел е до почетокот на 2030 година да испорачаме 10 милиони тони нафта. Мојата порака до европскиот партнер е дека посакуваме на ЕУ и на нејзините финансиски институции да делуваат побрзо, истакнува Василенко.
Тој појаснува дека во 2022 година ЕУ нарачува студија, која е готова една година подоцна и се однесува на прашањата на конективноста во централна Азија. Потоа на ЕУ и требале 7-8 месеци да организира инвестициски форум во Брисел, во јануари годинава каде различни стејкхолдери од Унијата и нејзините финансиски институции заедно со земјите од централна Азија постигнаа договор за вложувања во вредност од 10 милијарди евра од страна на ЕУ во проекти за јакнење на конективноста со централна Азија. Во исто време на овој форум Казахстан потпиша Меморандум за разбирање со европските финансиски институции за заеми во вредност од 1,5 милијарди евра наменети за инфраструктурни проекти.
Од зајакнувањето на односите меѓу Казахстан и ЕУ бенефит има секоја од страните – и Казахстан и ЕУ и земјите членки, вели Василенко на новинарско прашање. Казахстан е еден од најголемите снабдувачи на ЕУ со нафта – со учество од 11 проценти во вкупната потрошувачка на Унијата и со 21 процент во однос на потрошувачката на ураниум. Најголем бенефит од зајакната политичка соработка, според него, сепак, е можноста за воспоставување и развивање на комуникација и поблиско запознавање на народите од централна Азија со тие од Европа. Според Василенко, тоа ќе помогне за меѓусебно разбирање, бидејќи за жал, вели, кај повеќето од луѓето во Европа кога ќе се спомне земјата и регионот, постои стереотип дека е тоа таму некаде во задниот двор на Русија, што е вели исклучително некоректно да се користи.
Напротив, Казахстан и земјите од регионот се гледаме како браќа, како на кохерентен регион, како активен учесник во меѓународната арена, регион кој минува низ своевидна ренесанса. Тоа ќе придонесе за зголемување на соработката во делот на енергетиката и тоа во однос на извозот на нафта, на ураниум и на зелен водород. Другата нишка се критичните суровини и тука Казахстан има огромни потенцијали, бидејќи поседува резерви на 18 од вкупно 34 критични суровини што во перспектива значи и нови странски инвестиции, дециден е заменик министерот.
Што се однесува до ставовите на Русија и Кина, во однос на ваквата зајакната соработка со Брисел, вели дека ја развиваат соработката со овие два непосредни соседи со иста динамика како што тоа го прават од порано.
Тие се наши најголеми соседи и наши најголеми трговски партнери. Кина е трговски партнер бр.1, Русија е на второ место по обем на трговска размена, делиме најдолги гранични линии со нив – со Русија 7500 км, со Кина 1800 км. Тие се и најголеми инвеститори, исто така. Ние сме исто така членки на многу организации кои ги имаме заеднички основано. Така што овие односи ќе продолжат, и според нас, тие се дел од една прагматична, избалансирана и храбра надворешна политика. Всушност, можеме да кажеме дека нашите односи со Русија, нашите односи со Кина, нашите односи со Западот и нашите односи со муслиманскиот свет вклучително и Турција се четирите столба на кои ја темелиме нашата надворешна политика, заклучува Василенко.
ЕУ од своја страна ангажманот во регионот значително го проширува од раните 1990-ти. ЕУ и петте централноазиски држави – Казахстан, Република Киргистан, Таџикистан, Туркменистан и Узбекистан – воспоставија дипломатски односи во 1991 година, а во 2005 година ЕУ ја воведува функцијата – специјален претставник на Унијата за Централна Азија. Фокусот е ставен на континуираната и сеопфатна соработка на ЕУ со земјите во регионот, бидејќи споделуваат силни заеднички интереси за просперитет, поврзување, енергија и безбедност.
Во 2019 година, Брисел усвои Стратегијата на ЕУ – Централна Азија „ЕУ и Централна Азија: Нови можности за посилно партнерство“ која нуди рамка за засилен ангажман на ЕУ со земјите од регионот во текот на годините што доаѓаат. Таа се фокусира на промовирање на одржливост и просперитет и регионалната соработка во Централна Азија и ги надополнува договорите за засилено партнерство и соработка, што во комбинација со помошта што ја даваат земјите-членки на ЕУ поединечно, ја прави Европската унија број еден давател на развојна помош во регионот, стои на веб страница на специјалниот претставник на ЕУ за регионот амбасадорката Терхи Хакала.
Македонски натреварувачи дел од 5.Светски номадски игри во Астана
Петтите Светски номадски игри во Астана се одржаа под мотото „Собирот на големата степа“. Нивното официјалното лого вклучува важен елемент на идентитетот, тоа е соларен коњаник, кој е присутен во сите логоа на Светските номадски игри. Тие се најголемиот натпревар во етно-спортови во светот денес. Околу 2500 учесници од 89 земји ги одмерија силите во текот на шестдневните натпревари во 21 спорт. Тие вклучуваа коњички трки, национални видови борење, традиционални интелектуални игри, натпревари во боречки вештини, традиционално стрелаштво, национални видови лов со птици, трки со коњи, народни игри во спортски арени и културна и научна програма.
Меѓу учесниците на оваа смотра на етно-спортови што се одржува на секои две години покрај земји со номадска традиција, учествуваа и земји кои немаат таква традиција. На свеченото спектакуларно отворање во Астана Арената продефилираа претставници од земјите од централно-азисикиот регион – наследниците на номадската цивилизација, но и од САД, Русија, Канада, Франција, Италија, како и од повеќе европски земји и од речиси сите држави од Балканот, меѓу нив и од нашата земја.
Од дисциплините најголем впечаток оставија борењето меѓу јавачи на коњи, стрелањето во мета од коњаници во кас, како и ловот со птици – со златниот орел, јастреби и соколи. Ловот со птици во дамнешни времиња се применувал како начин да се дојде до храна или крзно во тешките и сурови услови во Алтајските планини. Денес се практикува како спорт кој е вистинска сензација за туристите, но начинот на кој се тренираат птиците е ист како и во минатото. Орлето се зема од гнездото пред да почне да лета и потоа минуваат неколку години во обука. При тоа се гради една посебно блиска врска меѓу ловецот и птицата, која се третира со исклучителна грижа и посветеност. По десеттата година птицата се пушта на слобода. Она што е интересно е што се обучуваат само женки. Овој вид на ловење со птици е внесен и во листата на нематеријално културно богатство на УНЕСКО.
Најпопуларна од игрите кои се одвиваа на најдобрите спортски терени во Астана, сепак, е т.н. номадско рагби – кој е присутен во две верзии како кокпар и кокбору. Кокпар се смета за една од најстарите номадски игри во Казахстан, која се игра многу стотици години. Се смета за своевидна симбиоза на рагби и јавање коњи, а суштината на играта е во тоа што јавачите на коњи се борат за труп без глава на коза, земајќи го од ривалите и постигнувајќи „гол“ во специјална порта.
Современиот кокпар се игра на специјален терен со димензии 220 на 75 метри. Натпреварот трае вкупно 40 минути и е поделен во две полувремиња. Играчите се поделени во два тима од 10-12 луѓе, а само четворица од секој тим играат во исто време. Овој спорт бара многу физичка издржливост, бидејќи куклата која го замнеува трупот од коза е тешка 20 килограми и е многу тешко да се подигне од земја.
Особено важна во играта не е само обуката на јавачот, туку и атлетската форма на коњот, заради што се одгледуваат посебни коњи кои вкрстуваат различни раси. Во Казахстан постои федерација кокпар, а натпреварите се одржуваат секоја година во многу градови и места во земјата. Годинава на Номадските игри тимот на домаќинот Казахстан го освои златото во тензичен натпревар со нивните најголеми ривали екипата на Киргистан.
Македонските бои на Номадските игри во Астана ги бранеа борачите Стефан Зашков (20) и Александар Миланов (18). Двајцата се членови на боречкиот клуб „Олимпија“ од Штип, каде тренираат веќе шест години. Последните две години покрај борењето во слободен стил паралелно се обучуваат и во вештините на пеливанството во пеливанскиот клуб на Ацо Крстев, воедно и нивен тренер. Иницијативата да учествуваат на игрите во Астана била на тренерот и на претседателот на Федерацијата за Пеливанско борење на Македонија Хамид Бакија, која е членка на Европската ацоцијација за традиционални игри и спорт.
Тие се натпреварувале во дисциплината аба-ѓуреш, борење специфично за номадската традиција со кое првпат имале можност да се запознаат во Астана.
Ова беше преубаво искуство. Во пеливанството ние се бориме во каспети, (посебни панталони) намачкани по телото со масло што ја отежнува борбата, а кај овој вид на борење натреварувачите носат шорцеви и елек изработен од волна со појас. Во борбата борачите се држат за појасот со едната рака, а со другата се борат. Пред почетокот на секоја борба се фрла паричка и ако ти се падне твојата боја ти го фаќаш противникот за појасот од горната страна, ако не од долната страна. Секоја од двете позиции има одредени предности, зависно каква техника користиш. Нивното борење е многу поразлично. Во двата спорта се користат различни техники. Кај нив се важни зафати со нозете и обично вежбаат џудо и џиуџицу, додека во пеливанството се оди на сила и кондиција, вели во изјава за МИА борачот Зашков.
И Стефан и Александар се воодушевени од Астана, можноста да се натреваруваат и дружат со повеќе млади споритисти од разни земји од светот, да се запознаат со културата на Казахстан и да воспостават нови пријателства. Им се допаднале традиционалните јадења на домаќините, специјалитети од коњско месо. Но најголем впечаток им оставиле волонтерите и луѓето од организацијата на игрите со нивната љубезност и посветеност.
На Игрите беа доделени 97 комплети медали, а според освоените одличја прва е земјата домаќин – Казахстан со 112 награди, потоа Киргистан и Русија. Меѓу првите десет репрезентации се и земји како Турција, Унгарија, Полска и Романија.
Првите Светски Номадски игри се одржани во Киргистан, во градот Чолпон-Ата во 2014 година, кој ќе биде домаќин и на игрите во 2016 и 2018 година. Во 2020 година ова меѓународно натпреварување не се одржа поради ковид пандемијата. Следеа Светските номадски игри во 2022 година во Изник, Турција. Секоја година бројот на спортисти и на држави учеснички на игрите се зголемува. На игрите во Астана учествуваа спортисти од рекордни 89 држави. Следните шести номадски игри во 2026 година ќе се одржат во Киргистан.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.